„Врие“ во ДУИ: „Огнените“ ќе го спасуваат Ахмети од Груби
Не сме против Ахмети, целта е да се спасат и ДУИ и Ахмети за лидерот да не ја доживее судбината на Арбен Џафери и Мендух Тачи, односно со партијата да раководи Артан Груби, а Ахмети да биде само формален претседател, велат незадоволните во ДУИ
„Огнените“ од ДУИ битката ќе ја водат и институционално, преку интерпелации за сите министри од ДУИ. Не се против лидерот Али Ахмети, туку целта е да се спасат и ДУИ и Ахмети за лидерот да не ја доживее судбината на двоецот Арбен Џафери и Мендух Тачи, односно со партијата да раководи Артан Груби, а Ахмети да биде само формален претседател.
„ДУИ тоне. Целта е да го сопреме падот на ДУИ, бидејќи вака одиме во пропаст. По поразот на локалните избори во Тетово не смееме да дозволиме нови порази. Шестата изборна единица дава половина пратеници Албанци, а ако ја немаш општината, ги губиш изборите. Не сме против Али Ахмети, напротив сакаме да остане лидер, но не да биде формален претседател, а со партијата да раководи Артан Груби. Бараме да се сменат сите министри на чело со Груби и преку партиските тела да се изберат министри кои ќе имаат легитимитет, бидејќи актуелните немаат поддршка од базата. Не бараме функции за нас, туку министри да бидат тие кои ги донеле гласовите и победата на ДУИ. При изборот на министри бараме Ахмети да се консултира со органите на партијата, со нас, а не да ги избираат во кафеани и битни политички прашања да носат тесен круг на луѓе без никаква партиска дебата“, вели претставник на „огнените“.
Нивниот следен чекор е во јавност да го образложат незадоволството и ќе елаборираат за што се борат, а на терен целите ќе му ги објаснат и на членството.
– Ако сака Артан Груби да биде лидер на ДУИ, Ахмети и формално нека го предложи, па ќе се соочиме на конгрес, а не вака, сите одлуки да му ги препушти. Ако Груби победи на конгрес ќе му честитаме – велат од „огнените“.
Притисокот ќе биде видлив и во Собранието, каде не се исклучува пакет интерпелации за министрите на ДУИ, активирање на Изет Меџити во бранење на свои, а не партиски ставови. Со оглед на фактот дека власта има тесно мноинство – без двајцата пратеници од ДУИ – Изет Меџити и Мерита Коџаџику – останува со 62. Со оглед на тоа дека прашање е колку СДСМ може да смета на Диме Велков, кој беше против францускиот предог, но и незадоволството на ДС и други помали партии од власта, не би било изненадување ако се случи прегрупирање во Собранието со пратеници од албанскиот политички блок.
„Огнените“, барем засега, велат дека недоразбирањата сакаат да ги решат во партијата. Ако Ахмети нема слух, ќе дејствуваат како фракција, но не се исклучува можноста да формираат нова партија. Зад „огнените“ стојат Меџити, Блерим Беџети, Муса Џафери, Висар Ганиу. Велат дека добиле поддршка и од Липковскиот огранок.
Куриозитет е дека лидерот на ДУИ Али Ахмети го дал името на групата незадоволни, нарекувајќи ги „огнени“.