Време е за спектакл во Лигата на шампионите: Реал Мадрид го пречекува Баерн Минхен
Европската фудбалска елита вечерва повторно е во центарот на вниманието со натпреварите од четвртфиналето во Лигата на шампиони на УЕФА, а во фокусот е дербито меѓу Реал Мадрид и Баерн Минхен.
Препорачано
„Кралевите“ до оваа фаза стигнаа по двете победи над Манчестер сити, а во домашното првенство беа во добра форма сè до изненадувачкиот пораз на гостувањето кај Мајорка минатиот викенд.
На другата страна, Баерн релативно лесно го мина осминафиналето елиминирајќи ја Аталанта со две победи. Во Бундеслига баварците главно редат позитивни резултати, а во последниот период единствен „кикс“ им беше ремито со Баер Леверкузен.
Меѓусебните дуели на Реал и Баерн традиционално носат возбудувања и голови, а во последните пет пресметки двете екипи секогаш успевале да постигнат голови. За домаќините вечерва нема да настапат Тибо Куртоа, Ферлан Менди и Родриго, додека настапот на Дани Себаљос е под знак прашалник. Кај германскиот тим надвор од составот се Кингсли Коман, Матијс де Лихт, Бунасар Сар и Свен Улрајх.
8 teams remain ✨#UCL pic.twitter.com/pm7ogx8UyF
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) April 6, 2026
Вториот натпревар вечерва се игра во Лисабон, каде што силите ќе ги одмерат Спортинг Лисабон и Арсенал, при што англискиот тим важи за фаворит во овој двомеч.
Спортинг влегува во дуелот во добра форма со три последователни победи во сите натпреварувања, додека Арсенал не може да се пофали со исти резултати, откако претрпе порази во двата англиски купа од Манчестер сити и од Саутемптон.
Двата натпревари се играат во терминот од 21:00 часот.


