Време е за чај – три омилени вкусови, како три доби од животот

Unsplash
Unsplash

Ритуалот за пиење чај со трите омилени видови e еден вид лично патување низ вкусовите на различни временски „зони“ од мојот живот.

Да се пие чај, кај нас е некако поврзано најчесто со настинка, болест, некакви потешкотии во огранизмот, наместо секојдневно задоволство и зиме и лете.

Зошто е тоа така? Не знам. Знам дека моите баба и дедо, береа планински чај и во секое доба од годината кај нив чајникот беше полн до врв со чај. Не само планински, имаше и од камилица, нане, шипка… А кога бевме болни, се засладуваше со мед. За мене, секогаш послужен во омилената шолја, со зелени точки. Ретро остаток од креденците на баба и дедо.


Но, чајот не е само медицинска благодет. Тој е и ритуал, зближување со некого, прикрепување.

Историски гледано, чајот е поврзан со номадскиот живот и снаоѓањето во природа – митот вели дека првпат се случило некој да го „открие“ чајот, кога во водата што вриела на логорски оган, случајно паднале тревки и ете ти го чајот. Не сум сигурна колку е вердостоен овој мит, но сепак сакам да ги предложам моите три омилени чаеви за пријатно време.  Дури и ако некој вкус случајно го откријам, сакам да го пробам и немам предрасуди кога е во прашање чајот.

Прв чај на врвот на чајната скала за мене е чајот од нане.

Ми создава чувство на топлина, питок ми е и секогаш ми помага кога имам грчеви пред циклус или ако се чувствувам меланхолично. Чајот од нане е како прегратка од нана (баба).  Освен што е со прекрасен мирис, тој е и превентива од настинки. Мој прв избор кога го порачувам во кафуле.

Втор омилен чај ми е од ѓумбир и лимон.

Овој чај го „открив“ подоцна низ животот, кога студирав. Ми подарија за нова година мало ќесиче со чај од ѓумбир и лимон, кој имаше малку индиски изглед и си реков – хмм што е ова? На пакувањето стоеше информација дека помага за концентрација и циркулација. Топ за еден студент. И сега го пијам во различни пригоди, а најмногу ми одговара кога работам – како сега. Му ставам и свежо парче лимон и уживам.

Трет омилен чај е чајот од липа.

Освен што ме потсетува на Скопје и на некои љубовни времиња, ме потсетува на смиреност, спокој, благост. Липата има лековити својства, но најубаво е кога се пие чај од тазе набрана липа. Помага во ублажување на стресот, проблеми со дишните патишта, а совршен е со лажичка мед. Приказната за липата вели дека сето сонце што го собира низ летниот период, го „внесуваме“ преку пиењето чај.

Па, кој е вашиот омилен чај?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот