Архива на СП

Вратите на слободните зони се затворени за синдикалците – Стејт департментот нотира сериозни нарушувања на работничките права

Едноставно се среќаваме со отпор од самите менаџери и на нас како синдикалци не ни е дозволен влез во тие компании. Едвај успеавме да бидеме присутни во две-три компании кои работат во Зоните, вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ

И покрај тоа што македонскиот закон предвидува право на работниците да формираат и да се приклучуваат кон независни синдикати, колективно да преговараат и да спроведуваат законски штрајкови, а во исто време забранува антисиндикална дискриминација и враќање на работа на работници отпуштени поради синдикална активност, во слободните економски зони синдикалното организирање е на „шкрги“, посочува Извештајот на Стејт департментот за човековите права за 2024 година, во делот за Македонија.

Изготвувачите на Извештајот забележуваат дека синдикатите во Македонија се засноваат на доброволно членство, а активностите се финансираат од членарината. Инаку, околу 22 проценти од вработените, претежно во јавната администрација, се членови на синдикатот. Синдикалните претставници, освен неколку грански синдикати, тврделе дека генерално не се ослободени од влијанието на владини претставници, политички партии и работодавачи, а суд од општа надлежност може да ги прекине синдикалните активности на барање на регистраторот или надлежниот суд кога тие активности се сметаат за „спротивни на Уставот и законот“.

Владата и работодавачите генерално ја почитувале слободата на здружување, правото на штрајк и правото на колективно договарање. Но, синдикатите ја опишуваат „исклучувачката“ одредба од законот, која им дозволува на работодавачите да отпуштат до 2 проценти од работниците од колективните преговори за време на штрајк. Колективното договарање беше ограничено на синдикати што претставуваат најмалку 20 проценти од вработените. Во моментот во земјава има 43 синдикати, прецизираат од ССМ.

-Иако законски се дозволени, ниеден синдикат не работи во слободните економски зони – констатира Извештајот.

Слободан Трендафилов, претседател на ССМ за „Слободен печат“ ја потврдува оваа забелешка на изготвувачите на Извештајот и вели дека тие не може да ги поминат бариерите во Зоните.

-Голем е проблемот во компаниите каде нема синдикат. Едноставно се среќаваме со отпор од самите менаџери и на нас како синдикалци не ни е дозволен влез во тие компании. Едвај успеавме да бидеме присутни во две-три компании кои работат во Зоните. Ние практично и не знаеме колку работници има во овие компании на кои секако им е потребна синдикална помош – додава Трендафилов.

Поради ова, едно од синдикалните барања кои би требало да најдат свое место во новиот Закон за работни односи (ЗРО) кој се уште не може да го види светлото на денот, е вметнување на одредба според која во секоја компанија во која има вработено повеќе од 30 работници ќе мора да се потпише колективен договор што ќе ги отвори вратите за поголеми работнички права.

Стејт департментот исто така наведува дека Законот бара од федералните синдикати да се регистрираат во Министерството за труд и во Државниот централен регистар (ДЦИ).

-Законот ги опфаќа сите што работат за работодавачи кои се регистрирани во Владата и не дискриминираат странски работници или мигранти кои се легално вработени. Законот и договорите за вработување ги опфаќаа регистрираните вработени во регистрирани установи. Синдикално организираните вработени беа опфатени и со колективните договори, каде што беа потпишани тие договори. Нерегистрираните вработени и работодавачите не се опфатени со законите за работни односи и се подложени на обвиненија врз основа на законот за забрана и спречување на нерегистрирана активност. Спроведувањето, ресурсите и санацијата од страна на владата беа несоодветни стои во Извештајот.

Сепак Извештајот наведува дека во синдикално организираните сектори, Владата ефикасно ги спроведуваше законите што ја штитат слободата на здружување, колективното преговарање и правото на штрајк за работниците, а казните за прекршувања биле соодветни на оние на другите закони што вклучуваат негирање на граѓанските права.

-Административните и судските процедури се одложуваат, а казните редовно се применуваа во сегментите контролирани од ДТИ, но оваа институција не добила никакви жалби во врска со кршење на правото на слобода на здружување. Сепак, работниците честопати се плашеле од одмазда и се воздржувале од поднесување директни жалби, па во нивно име жалбите ги поднесуваат синдикалните претставници.

ИТУЦ: Во Македонија се формираат „квази (жолти) синдикати“

Меѓународната конфедерација на синдикати (ИТУЦ) во годинашниот Извештај – Индекс за Глобални права „Најлошите држави во светот за работниците“ ја рангираше Македонија на 4 место во рангот на земјите со систематско прекршување на правата на работниците или на претпоследното место.

Во Извештајот се нагласува дека како најлоши услови од почетокот на сметање на Индексот за глобални права е и формирањето на жолти синдикати од страна на работодавачите, а Македонија е наведена како еден од негативните примери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот