Вработен во „Гугл“ се обложувал со инсајдерски информации на пребарувачот и заработил 1,2 милиони долари
Сојузните обвинители во Њујорк го обвинија софтверскиот инженер на „Гугл“, Микеле Спањуоло, дека заработил околу 1,2 милиони долари на веб-страницата за обложување Полимаркет, користејќи доверливи инсајдерски информации за најпребаруваните луѓе во 2025 година, соопштија американските обвинители.
Препорачано
Според кривичната пријава, Спањуоло наводно дејствувал под корисничкото име „АлфаРакун“ направил неколку облози со „да“ и „не“ за тоа кој ќе стане најпребаруваната личност на „Гугл“.
„За разлика од луѓето со кои се обложувал, Спањуоло го знаел исходот на облозите пред пошироката јавност, бидејќи имал пристап до доверливите и комерцијално вредни внатрешни податоци на Гугл“, наведуваат властите во пријавата.
Спањуоло се соочува со обвиненија за измама со стоки, измама со електронски средства и перење пари.
Тој завчера се појави пред судот и беше пуштен на слобода со кауција од 2,2 милиони долари, со ограничувања за патување.
Од „Гугл“ соопштија дека Спањуоло е испратен на принуден одмор.
Во судскиот регистар веднаш не беше наведен ниту еден адвокат на Спањуоло.
„Соработуваме со правосудните органи во нивната истрага. Вработениот пристапил до нашиот маркетинг-материјал користејќи алатка достапна за сите вработени, но користењето на такви доверливи информации за обложување е сериозно прекршување на нашите политики“, изјави портпаролот на „Гугл“.
Властите тврдат дека Спањуоло ги искористил доверливите податоци на „Гугл“ за да постави серија облози за тоа кој ќе биде најпребаруваната личност.
Според пријавата, Спањуоло вложил 381,12 долари на опцијата „да“ дека музичарот познат како Д4вд (чие вистинско име е Дејвид Ентони Бурк и моментално е во затвор за убиство на тинејџерка) ќе биде меѓу најпребаруваните луѓе во годината. Тој се обложил и со дополнителни 5 долари дека Д4вд ќе биде на самото прво место по пребарувања на „Гугл“, иако шансите за тоа на пазарот биле речиси нула проценти.
Спањуоло, исто така, наводно вложил 613.000 долари за „не“ дека папата Лав ќе стане најпребаруваната личност и повеќе од 500.000 долари за „не“ за американскиот претседател Доналд Трамп.
Обвинителите велат дека тој заработил повеќе од 1,2 милиони долари профит откако „Гугл“ ги објавил своите резултати за најпребарувани имиња.
Брисел удри по Гугл и Епл, но технолошките гиганти и понатаму диктираат правила


