Брисел удри по Гугл и Епл, но технолошките гиганти и понатаму диктираат правила
Европската унија вети брза и строга контрола врз технолошките гиганти преку Законот за дигитални пазари, но критичарите тврдат дека спроведувањето станува бавно и неефикасно. Додека Брисел води долги преговори со компании како Гугл и Епл, малите конкуренти се жалат дека реална промена на пазарот речиси и да нема. Дополнителен проблем се политичките и трговските притисоци од САД, кои ја усложнуваат примената на европските дигитални правила.
Европската унија пред две години го претстави Законот за дигитални пазари како историски чекор против монополската моќ на големите технолоски компании. Намерата беше едноставна, побрзи истраги, поостри казни и отворање на дигиталниот пазар за помалите компании кои со години се жалеа дека гигантите како Епл, Гугл и Мета ги контролираат правилата на игра.
Препорачано
Денес, кога законот влегува во третата година од примената, критиките стануваат се погласни. Дел од компаниите тврдат дека Европската комисија почнала да запаѓа во истите бавни и комплицирани процедури кои со години го ослабуваа европското анти-монополско законодавство. Наместо брза регулаторна акција, се водат долги преговори, бескрајни консултации и правни анализи, додека технолошкиот пазар продолжува да се менува со огромна брзина.
Отворен пазар само на хартија
Кога Европската унија го отвори Ајфон екосистемот за алтернативни продавници за апликации, португалската компанија Аптоиде веруваше дека конечно доаѓа моментот за вистинска конкуренција. Компанијата понуди пониски провизии од оние на Епл и очекуваше дел од програмерите да преминат на нивната платформа. Наместо тоа, интересот остана ограничен. Според директорот Пауло Трезентос, условите кои Епл ги постави за работа на алтернативните продавници се толку сложени што целиот модел стана неисплатлив.
Сличен проблем имале и други компании кои се обиделе да влезат на пазарот. Еден од ретките конкуренти на Аптоиде, платформата СетАп Мобајл, годинава целосно се повлече од бизнисот. Компанијата соопшти дека условите за работа постојано се менуваат и дека деловниот модел повеќе не може да функционира. Ова за многумина е доказ дека формално отворање на пазарот не значи и реална конкуренција.
Експертите за дигитална економија предупредуваат дека ваквата ситуација создава опасен преседан. Големите компании можат формално да ги почитуваат правилата, но истовремено да поставуваат административни и технички бариери кои ги оттурнуваат помалите конкуренти. Критичарите сметаат дека Европската комисија премногу долго преговара со технолошките гиганти наместо брзо да реагира со конкретни мерки и казни.
Гугл под истрага, Брисел без одлука
Најголемото внимание моментално е насочено кон Гугл. Компанијата е предмет на неколку истраги поради сомнежи дека ги фаворизира сопствените услуги во пребарувачот, на штета на конкурентите. Особено спорен е начинот на кој Гугл ги прикажува услугите како летови, хотели и туристички понуди, додека платформите за резервации и споредба на цени тврдат дека се турнати во втор план.
Компании од туристичкиот сектор обвинуваат дека истрагата трае предолго. Според нив, Европската комисија уште минатата година требало да донесе конечна одлука. Наместо тоа, процесот се претворил во долг регулаторен дијалог со стотици состаноци меѓу Гугл, европските институции и заинтересираните компании.
Во Брисел постои страв дека пребрза одлука би можела да падне на суд. Европските институции веќе имаат лошо искуство со поранешни антимонополски процеси кои траеле со години, а дел од пресудите подоцна биле оспорени. Дополнителен проблем е недостигот на кадар. Тимот кој работи на спроведување на законот има околу сто луѓе, што според аналитичарите е премалку за контрола на најмоќните технолошки компании во светот.
Критичарите предупредуваат дека секое одолговлекување им оди во корист на големите компании. Додека траат разговорите, тие продолжуваат да доминираат на пазарот и да собираат огромни приходи, а помалите конкуренти остануваат зависни од нивните платформи.
Трговска војна и политички притисок
Проблемот дополнително се усложнува поради политичките тензии меѓу Европската унија и Соединетите Американски Држави. Администрацијата на Доналд Трамп отворено бара Брисел да ги ублажи дигиталните регулативи, тврдејки дека тие непропорционално ги погодуваат американските компании.
Според европски извори, Европската комисија во одредени моменти намерно одложувала чувствителни одлуки за да избегне доплнителните влошувања на трговските односи со Вашингтон. Ова предизвика жестоки реакции кај организациите за дигитални права и дел од европските пратеници, кои предупредуваат дека политиката не смее да влијае врз примената на законот.
Стравувањата се, дека слабата примена на правилата може да им овозможи на технолошките гиганти уште посилно да навлезат и во новите области како вештачката интелигенција. Аналитицарите предупредуваат дека Европската унија ризикува да ја изгуби довербата доколку носи строги закони, а потоа нема доволно ресурси и политичка волја за нивно спроведување. Наместо симбол на европската дигитална независност, Законот за дигитални пазари би можел да стане пример за бавна бирократија која не успева да се справи со најмоќните компании на денешницата.


