Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Семејство заглавено во урнатини во израелскиот напад врз Газа: САД велат дека примирјето важело, иако ќе имало престрелки ваму-таму

Началникот на израелската армија, Ејал Замир, изјави дека „војната не е завршена“.

Американскиот потпретседател Џ. Д. Венс изјави дека САД очекуваат Израел да возврати на прекршувањата на прекинот на огнот од страна на Хамас, но дека рамката на договорот останува на сила, објави „Ал Џазира“.

– Прекинот на огнот сè уште држи. Тоа не значи дека нема да има помали престрелки тука и таму. Знаеме дека Хамас или некој друг од Газа нападна израелски војник. Очекуваме Израелците да одговорат, но мислам дека мировниот договор на претседателот ќе опстане и покрај тоа – им рече Венс на новинарите.

Во меѓувреме, воздушните напади врз Газа Сити, Рафа и Кан Јунис продолжуваат, со извештаи за експлозии во близина на болницата „Ал-Шифа“ и во кампот Шати откако премиерот Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на израелската војска да изврши „силни удари“ врз Појасот Газа поради наводно прекршување на примирјето.

На видео на социјалните мрежи се гледаат припадници на цивилната заштита како под тешки услови се обидуваат да извлечат повредени луѓе од урнатините на семејна куќа во населбата Ал Сабра, јужно од Газа Сити. Објектот, според објавата, бил погоден од израелски воздушен напад.

Израелските власти тврдат дека нападите се одговор на прекршувања на примирјето, додека, пак, Хамас инсистира дека се придржува до сите услови на договорот потпишан во Шарм ел-Шеик под покровителство на претседателот Трамп.

Израел: Хамас прво ќе ги врати сите тела, а потоа ќе продолжи прекинот на огнот, велат семејствата

Американските власти засега упатуваат малку критики за континуираните израелски напади во Газа, кои од почетокот на примирјето поддржано од САД предизвикаа речиси 100 палестински жртви, како и за ограничувањата на хуманитарната помош.

„Израелските напади се тест за САД“

Според аналитичарот Рами Хури од Американскиот универзитет во Бејрут, израелските напади се очекувани и претставуваат тест за американската дипломатија и односот меѓу Нетанјаху и Трамп.

– Ќе треба да почекаме 24 часа за да видиме дали Вашингтон ќе изврши притисок врз Нетанјаху да ги запре нападите – рече Хури.

Венс не се шегува: Ако Хамас не се разоружа, ќе го уништиме!

Професорот Вилијам Лоренс од Американскиот универзитет додаде дека администрацијата на Трамп ќе биде ставена на искушение доколку Израел ја прошири офанзивата.

„Војната не е завршена“

Од друга страна, пак, началникот на израелската армија, Ејал Замир, изјави дека „војната не е завршена“, додавајќи дека Хамас се обврзал да ги врати посмртните останки на израелските заробеници, но „го прекршува тоа ветување“.

– Нема да останеме неми. Ќе продолжиме да дејствуваме за враќање на сите наши заробеници за погреб, тоа е наша морална и етичка должност. Ако Хамас не ги исполни своите обврски, ќе сноси последици и ќе плати висока цена – рече Замир.

Најмалку 94 Палестинци се убиени од почетокот на примирјето

Според некои извештаи, најмалку 94 Палестинци се убиени од почетокот на примирјето на 10 октомври. Дел од жртвите биле обвинети дека ја преминале т.н. „жолта линија“ која ја означува израелската зона на контрола во Газа, линија што многумина не знаеле каде точно се наоѓа.

Семејството Абу Шаабан, единаесетмина членови, меѓу кои жени и деца, беше убиено во израелски напад врз Газа Сити, иако примирјето формално беше на сила.

Додека меѓународната јавност е фокусирана на Газа, Палестинците сведочат за зголемено насилство и во Западен Брег.

Хамас му го предаде на Израел телото на уште еден од заложниците во Газа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот