ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО | Напаѓач пукаше врз толпа луѓе од врв на древна пирамида во Мексико – загина турист, има 13 повредени
Вооружен маж, кој стоеше на врвот на една од пирамидите во Теотиуакан, вчера отвори оган врз туристи, при што загина еден Канаѓанец, а најмалку 13 луѓе се повредени, објави „Индепендент“.
Препорачано
Напаѓачот беше идентификуван како 27-годишниот Хулио Сезар Јасо од Мексико, изјави државен функционер под услов да остане анонимен.
Јасо беше единствениот напаѓач во нападот, потврди владата на сојузната држава Мексико. Подоцна починал од самонанесена повреда, соопштија властите.
Локалните власти соопштија дека седум од 13-те повредени луѓе биле застрелани. Не е објавено како се повредиле останатите, но дел од нив паднале во паника кога започнало пукањето, некои додека се искачувале по пирамидите.
Повредено е шестгодишно дете
Во болница беа пренесени шестмина Американци, тројца Колумбијци, еден Русин, двајца Бразилци и еден Канаѓанец. Најмладиот повреден е шестгодишно дете, а најстариот има 61 година, соопштија мексиканските власти.
Видео и фотографии објавени од локалните медиуми покажуваат маж, подоцна идентификуван како Јасо, како стои со оружје на врвот на пирамида додека луѓето бараат засолниште.
Пирамидите во Теотиуакан, кои се дел од светското наследство на УНЕСКО, претставуваат комплекс од масивни градби изградени од древни цивилизации. Како една од најважните туристички дестинации во Мексико, локацијата лани ја посетиле повеќе од 1,8 милиони странски туристи.
Пукањето започна околу 11:30 часот, кога десетици туристи беа на врвот на Пирамидата на Месечината. Според туристички водич, кој беше на местото на настанот, напаѓачот почна да пука додека луѓето се обидуваа да слезат.
– Некои луѓе, исплашени, легнаа наземи, а другите почнаа да се слегуваат – изјави водичот.
Друга група посетители остана неподвижна на платформата за да избегне да биде погодена. Жена, која го сведочеше настанот, изјави дека првично мислела дека станува збор за петарди.
– Пред да сфатиме, некој извика: „Не, тоа се истрели, бегајте“, и видовме луѓе како се симнуваат од врвот – рекла таа за канадската телевизија.
Сцената бргу стана хаотична, додека луѓето се обидуваа да избегаат.
– Еден човек скокна обидувајќи се да се спаси, но падна на грб… беше ужасно – додаде таа.
Во минатото, на локалитетот се вршеле безбедносни проверки пред влезот, но тие биле укинати, посочи локален водич.
Претседателката на Мексико изрази солидарност
Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум изјави дека нападот ќе биде истражен и дека е во контакт со канадската амбасада.
„Ова што се случи денес во Теотиуакан длабоко нè погоди. Изразувам искрена солидарност со погодените и нивните семејства“, напиша таа.
Канадската министерка за надворешни работи Анита Ананд соопшти дека „како резултат на ужасен акт на вооружено насилство, еден Канаѓанец е убиен, а друг повреден“.
Подоцна, американскиот амбасадор во Мексико Роналд Џонсон изрази „длабока загриженост“ и понуди поддршка.
Националниот институт за антропологија и историја соопшти дека археолошкиот локалитет Теотиуакан ќе остане затворен до понатамошно известување.
ВИДЕО | Хорор во турско училиште: поранешен ученик рани 16 луѓе и се самоуби


