Возач од Пробиштип уапсен кај Свети Николе – возел пијан и нападнал полицаец
Возач од Пробиштип е лишен од слобода откако на регионалниот пат Свети Николе – Пробиштип физички нападнал полициски службеник и управувал возило под дејство на алкохол.
Препорачано
Како што соопштија од Министерството за внатрешни работи, инцидентот се случил вчера (23.01.2023) во 05.55 часот, кога полициски службеници од Свети Николе запреле патничко возило управувано од М.П. (32) од Пробиштип, по претходно добиени оперативни сознанија дека се движи кон Свети Николе со намера да изврши кривично дело.
По запирањето на возилото, возачот излегол и започнал недолично и агресивно да се однесува кон полициските службеници, при што физички нападнал еден од нив. М.П. веднаш бил лишен од слобода, а при извршеното алкотестирање било утврдено дека има 2,38 промили алкохол во крвта.
„Во координација со јавен обвинител, до Основното јавно обвинителство Свети Николе е поднесена кривична пријава за кривичните дела ‘Напад врз службено лице при вршење работи од областа’ по член 383 и ‘Загрозување на сигурноста спрема службено лице’ по член 144 од Кривичниот законик. Пријавата е веднаш процесуирана, а ОЈО Свети Николе веќе поднесе обвинение за наведените дела. Со обвинението е доставен и предлог за определување мерка притвор, кој Судот го прифати и на обвинетиот му е определена притворска мерка“, информираат од МВР.


