Воз усмрти 89 овци во Португалија, државата бара овчарите да платат отштета
Државната агенција за железници и патишта на Португалија побара од двајца овчари да платат 25.000 евра отштета откако регионален воз минатата година прегази 89 од нивните овци, пренесува ДПА.
Препорачано
Државниот оператор на железничката и патна мрежа го оправда барањето за вкупно 26.400 евра со тоа што се осврна на штетата предизвикана на возот и фактот дека имало големо задоцнување во железничкиот сообраќај.
Несреќата се случила лани на 28 декември во округот Монтемор-о-Велјо, околу 200 километри северно од Лисабон.
Овчарите поднеле жалба
Овчарите поднесоа жалба на барањето за исплата. Нивниот адвокат Витор Гаспар изјави за весникот „Кореио да Мања“ дека станува збор за несреќа без намерно дејство. Тој додаде дека ваквите инциденти се дел од општиот ризик за железничкиот сообраќај.
Машиновозачот изјавил дека во зори одеднаш видел стадо како лежи на шините додека излегувал од кривината, објавија лани медиумите. И покрај активирањето на сопирачката за итни случаи, тој не можел да го избегне судирот. Возот застанал на околу 540 метри по ударот.
Шеесет и пет овци му припаѓале на еден овчар, а 24 на друг.
Шест возови беа откажани поради несреќата, а уште два беа делумно откажани. Покрај тоа, 36 линии беа одложени вкупно 580 минути.


