Волк каснал жена на прометна улица во Хамбург
Властите во германскиот град Хамбург објавија дека жена била касната од волк на една од улица во Хамбург каде се сместени шопинг-центри, пишува Би-би-си.
Препорачано
Нападот се случил синоќа на улицата Гросе Бергштрасе, во населбата Алтона, во близина на трговскиот центар „Икеа“. Се тврди дека една жена се обидела да му помогне на дезориентираниот волк со тоа што го оддалечила од улицата. Во тој момент, тој ја каснал на лицето и избегал, велат градските власти.
Нападнатата жена била хоспитализирана, а потоа пуштена на домашно лекување.
Се претпоставува дека ова е прв напад на волк врз човек откако овие животни почнаа повторно да се населуваат во Германија пред неколку децении.
По нападот, волкот бил пронајден во езерото Биненалстер во Хамбург во доцните часови. Полицијата го извлекла од водата со јаже.
Матијас Хилге, портпарол на Министерството за животна средина, клима и енергија на Хамбург, за Би-би-си изјави дека во последните денови имало неколку пријави дека волци се видени во западниот дел од градот. Тој посочи дека волкот што ја нападнал жената е безбеден и добива ветеринарна помош.
По падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, волците повторно почнаа да ја населуваат Германија, по отсуство од 150 години. Првично, неколку единки се вратија од Полска, а денес многу од нив живеат во шумите низ цела Германија.
Горниот дом на германскиот парламент, Бундесратот, минатата недела го легализираше ловот на волци за да се заштита на добитокот, пишува Би-би-си.


