Војната меѓу црногорските криминални кланови почна поради 300 килограми кокаин – убиени и уапсени повеќе од 40 луѓе

Заплена на кокаин / фото: МИА

Двете новоформирани криминални групи продолжуваат со својата примарна работа – шверц на кокаин во Европа.

Во последните пет години откако почна крвавата војна меѓу црногорските кавачки и шкаљарски клан повеќе од 40 луѓе се убиени или уапсени.

Додека се криеја едни од други, зад петите им беше полицијата, која од септември 2018 година уапси тројца лидери на двата клана – Јовица Вукотиќ (шкаљарски клан), Слободан Кашчелан и Војин Ступар (кавачки клан) и заплени околу два тони кокаин, пишува српски „Блиц“.

Се почнало откако од стан во Валенсија исчезнале 300 килограми кокаин со што се раздвоиле тогашните соработници на два табори – „шкаљарски“ и „кавачки клан“. Двете новоформирани криминални групи продолжуваат со својата примарна работа – шверц на кокаин во Европа.

Поради разделбата, двете групи почнаа да бараат различни начини како кокаинот да го пренесат во Западна Европа. Па според извештаите за заплена на дрога кои во последните две години се случиле во Шпанија, а се поврзани со црногорските кланови, таа државата престана да биде главно пристаниште за кокаинот. Односно, транспортот се врши по различни траси.

Во растојание од неполни три месеци, од крајот на 2017 до почетокот на 2018 година во Грција, во две големи акции на полициските служби запленети се повеќе од 150 килограми кокаин. Уапсени се двајца Срби кои грчката полиција ги поврзува со лидерите на шкаљарците, меѓу кои и Јовица Вукотиќ. Поради тоа Грција распишува црвена меѓународна потера за Вукотиќ.

Кон крајот на летото во 2018 година, во Анталија при рутинска контрола легитимиран е извесен Георги Андонов. Меѓутоа, зад тоа име се крие лидерот на шкаљарскиот клан, Јован Вукотиќ.

Само неколку дена од приведувањето, Турција го ексрадира Вукотиќ во Србија, која против него покренува процес поради фалсификување документи. Кон крајот на 2018 година тој е осуден на 15 месеци затвор. Откако ја отслужува казната тој е префрлен во екстрадициски притвор во Централниот затвор во Белград, каде што чека да биде изречен на Црна Гора, која го бара поради сомнение дека учествувал во мафијашки ликвидации. Што се случува со постапката во Грција поради заплената на кокаин засега не е познато.

По една година шкаљарскиот клан останува без уште една пратка со кокаин. Романската полиција во март 2019 година наоѓа килограм кокаин кој паднал од комбе со букурешки таблици за време на утовар. Откако полицијата го следела движењето на дрогата, два дена подоцна на крајбрежјето на Црното море, пронашла превртен брод, регистриран во Романија со рекордни 1.040 килограми кокаин. Шверцерите очигледно несмасно ја вршеле работата, а полицијата била на готовс и го искористила моментот на невнимание. Станува збор за кокаин со 90 отсто чистина, а неговата пазарна вредност достигнува 300 милиони евра. Во врска со овој случај се споменуваат Давор Т. (31) и еден од шефовите на шкаљарскиот клан, Игор Дедовиќ, кој овој месец беше убиен во ресторан во Атина.

Без дрога останува и соперничкиот кавачки клан. На 19 април минатата година на школскиот борбен брод „Јадран“ недалеку од Тивт откриени се 56 килограми кокаин, во вредност од околу 5 милиони евра. Се смета дека оваа дрога требала да биде испорачана во Турција, а поради заплената уапсен е Војин Ступар, истакнат член на кавачкиот клан. Тој важи за еден од лидерите на кланот, а се сомничи за создавање на криминална група, неовластено држење и пуштање во промет дрога и опојни средства и недозволено поседување на оружје.

Војин Ступар е спроведен пред лицето на правдата половина година од апсењето на Слободан Кашчелан – кој пак се смета шеф на кланот. Тој е приведен во декември 2018 година во Прага со лажни документи по потерница од Црна Гора. Тој се сомничи за обид за убиство во 2010 година, но и дека кон крајот на мај истата година организирал криминална организација која вршела кривични дела изнуда, лихварство, недозволено поседување на оружје и експлозивни материјали, неовластено производство, поседување и пуштање во промет на дроги и психотропни супстанци, давање мито, тешки дела против општата безбедност и перење пари. Два месеци по апсењето, тој е изречен на својата родна земја, по што почна постапката против него.

За време на бегството од полицијата, но и соперничките групи, припадниците на двата црногорски клана набавиле лажни документи. Најголем дел од нив извадиле хрватски документи за што сведчи и акцијата на хрватската полиција во ноември минатата година кога уапсени беа над 30 луѓе кои се осомничени дека набавувале и изработувале оригинални пасоши за припадниците на шкаљарскиот и кавачкиот клан, меѓу кои и пасошот на Игор Дедовиќ, кој неодамна беше убиен во Атина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот