Вода/ Фото: Пиксабеј

Водата во Тетово не е за пиење, заматена е од врнежите

По речиси целодневен прекин во водоснабдувањето во Тетово, околу полноќ се очекува нормализирање на дотокот во водоводната мрежа, но јавното претпријатие за водовод „Шар“ од Тетово препорача водата да не се пие и да се користи само за хигиена и чистење.

Возач се обидел да помине со кола низ „езеро“ од дождовница во Тетово – возилото се заглавило во водата

Двата водоснабдителни системи беа исклучени од дистрибутивната мрежа, а причина беа интензивните врнежи од дожд што предизвикаа заматување на водата.

Според информациите од Јавното претпријатие за водовод „Шар“ од Тетово, прво во утринските часови беше исклучена новата водоводна линија која носи количини од планинските реки во реонот на Лешница поради преголема заматеност и неможноста да се пречисти во филтер станицата кај Лисец.

Во текот на попладнето беше прекинат и доводот со вода од стариот водоснабдителен систем од изворите на Попова Шапка исто така поради заматеност.

„Граѓаните се замолуваат водата да ја користат само за основни потреби (како хигиена и чистење), сè додека не завршат новите лабораториски анализи. Ќе се извршат анализи, по што граѓаните ќе бидат веднаш информирани за резултатите и квалитетот на водата,“ информираа од ЈП „Шар“ Тетово.

Според информациите на директорот Ваљон Зеќири, поради заматената вода, трипати се празнел и се чистел резервоарот кој се полни со вода од стариот водоснабдителен систем со вода од изворите околу Попова Шапка. На реонот на Попова Шапка биле измерени рекордни 55 литри вода на метар квадратен, додека во Тетово 32 литар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот