Во затворите нема коронавирус, но затворениците се напнати

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Првата тура резултати од тестирањата во Истражниот затвор во Шуто Оризари се негативни, вели директорот Есад Рахиќ

Во затворите и казнено-поправните домови во Македонија до овој момент нема заболени од коронавирусот, но затворениците се напнати, што е нормано во оваа ситуација, информира директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ. И според Есад Рахиќ, директор на Истражниот затвор Шуто Оризари, од досега изработените тестови на притворениците и вработените, сите резултати се негативни. Негативен е и синот на починатиот притвореник од Ресен, кој бил притворен за истото дело, но во петокот е пуштен и е во задолжителна самоизлолација.

Состојбата во затворите е во фокусот откако минатата седмица во притворот во Шутка почина притвореник кој се жалел на болки во градите, а за кој постхумно беше утврдено дека боледувал од коронавирус. Тој немал респираторни симптоми, а во притвор бил од 8 март.

– Сите 20 резултати од првата група тестирани се негативни. Ги очекуваме резултатите и од останатите тестирања, по што ќе и соопштиме детали на јавноста. Во затворот се засилени заштитните мерки, дезинфекцијата се врши три до пет пати дневно. Обезбедив засилување од дополнителни двајца лекари од здравствениот дом, а набавив и брзи тестови – вели директорот Рахиќ за „Слободен печат“.

Директорот на Управата за санкции Стојановиќ вели дека деновиве и лично се уверил колку строго се почитуваат сите пропишани мерки за заштита и неговиот впечаток е дека „затворите веројатно најмногу се дезинфицираат од сите институции во земјата“.

– Ги очекуваме резултатите од тие тестови што треба да ги соопшти директорот на истражниот затвор во Шуто Оризари. По информацијата дека притвореник починал од коронавирус таму беа спроведени сите заштитни мерки, одредена е самоизолација каде има потреба и се направени епидемиолошки анкети. Во сите затвори редовно се врши дезинфекција и најстрого се почитуваат прошишаните мерки, а има и доволно средства за дезинфекција и заштина опрема за чуварите и останатите вработени. Впрочем, само тие евентуално можат да го внесат коронавирусот во затворите, затоа што само тие контактираат со затворениците. Посетите се забранети, а затворениците не излегуваат на викенди – вели Стојановиќ за „Слободен печат“.

Од друга страна изолацијата на затворениците и стравот од смртоносниот коронавирус си го прават своето, па тие се вознемирени и напнати.

– Тоа е нормално во оваа состојба на светска пандемија. Од 10 март се забранети сите посети на затворите и еве веќе е втор месец како затворениците не користат никакви бенефиции, што ја зголемува нивната нервоза. Дел од затворениците имаат право два пати месечно да користат отсуство за викенд, има затвореници кои секој ден излегуваат, работат и се враќаат во затворот и сега сите тие излези ги нема, како и посетите. Се зголемува и стравот, како и психичките кризи, но затворениците имаат право да извршуваат работни задачи во затворските кругови во рамките на програмите за ресоцијализација, а за проблемите можат да разговараат и да се советуваат со нивните воспитувачи итн. Состојбата со вирусот е непредвидлива за сите. Очекуваме при крајот на месецов да се разлабават мерките во државата, па ќе попушти и притисокот во затворите – вели Стојановиќ.

Во затворите сите новодојдени лица се чуваат првично 14 дена во изолација во посебни простории, а докторите секојдневно ги прегледуваат. Во најголемиот затвор во Идризово во моментов има околу 1.100  затвореници за чија здравствена состојба се задолжени тројца лекари и четири медицински сестри.

Според Евростат, во Македонија има 146 затвореници на 100.000 жители, што значи дека вкупно има околу 3.000 затвореници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот