Во Скопје веќе е продаден стан што чинел над 3.000 евра по квадратен метар
Директорот на Агенцијата за катастар, Иван Живковски, во гостување во емисијата „Бизнис21“ на телевизијата „21“ откри дека највисоката тргувана цена на недвижност во Скопје во третиот квартал (јуни-септември) достигнала 3.070 евра за квадратен метар, за стан во центарот на Скопје.
Препорачано
Станува збор за купопродажба на стан во нова градба, директно од инвеститор.
„Апсолутно, ова се однесува на нови станови во центарот на Скопје. Но просечната цена во Центар е околу 1.600 евра за квадратен метар“, рече Живковски.
Според него, граѓаните треба да имаат предвид дека просечната цена е пониска бидејќи во статистиката влегуваат и стари станови, вклучително и оние градени пред земјотресот, кои често немаат лифт и бараат значителни инвестиции за реновирање.
Живковски објасни дека на просекот влијаат и купопродажбите каде што цената е утврдена со преддоговори склучени пред неколку години, додека зградата била во почетна фаза на градба.
„Доколку денес се склучува главниот договор, а преддоговорот бил потпишан пред три-четири години, граѓаните тогаш платиле многу пониска цена, бидејќи тој голем раст што го детектираме последниве години сè уште не беше присутен“, рече Живковски.
Согласно податоците од Катастарот, новоградбите продолжуваат да ја влечат цената нагоре, додека старите станови ја намалуваат просечната статистика за општина Центар.


