Во Штип и Велес првите бебиња се машки
На Одделението за гинекологија и акушерство во Општата болница Велес утрово во 07:50 часот се роди првото бебе кое е машко. Бебето е тешко 3900 грама.
Препорачано
Ова е трето дете на 20-годишната Хатие Бекирова од велешкото село Бањица која со сопругот Фатмир Бекиров имаат и син и ќерка.
Како што информираа од Одделението за гинекологија и акушерство, бебето е родено по природен пат и мајката и детето се добри.
Попладнево, бебето го посети градоначалникот Марко Колев кој му донесе пригодни подароци.
Колев упати честитки до семејството, а на сите им посака среќна и бериќетна година, исполнета со радост и надеж за нов живот и нови почетоци.
Инаку Марко Митевски е првото новороденче во Новата 2023 година во Клиничка болница-Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев доцна попладнево ги посетија Марко и неговата мајка Александра. Марко е роден утринава во 8.20 часот, со тежина од три килограми и 300 грама и е долго 50 сантиметри.
Директорот на болницата, Ѓеорѓијев вели дека првото новороденче е син на нивен колега од Пробиштип, кој е вработен во Клиничка болница-Штип и во моментов е на специјализација по максилофацијална хирургија. Семејството Митевски ќе остане да живее во Штип, со што младиот Марко ќе биде жител на Општина Штип.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов вели дека оваа година ќе биде машка и со низа на проекти. Тој им посака среќа, здравје, бериќет во Новата година на семејството Митевски и воедно им врачи пригодни подароци.


