Леток со програмата на „Булевар Ослободување бр. 2026“

Во организација на „Булевар Ослободување“ повеќе книжевни настани ќе се одржат во „Буква“

Низа културни настани во организација на издавачката куќа „Булевар Ослободување“ од Скопје ќе се одржат на 17 и 18 април во новата „Буква“, на аголот помеѓу улицата „Рузвелтова“ и Булеварот „Теодосиј Гологанов“.

Во рамки на „Булевар Ослободување бр. 2026“ првиот од настаните носи наслов „Отпор, бунт: ослободување на стихот“: станува збор за читање перформативна и слем-поезија на кое ќе настапат дванаесет автори: Живко Грозданоски (организатор и водител на настанот), Марија Грубор, Ива Дамјановски, Ѓоко Здравески, Александра Јуруковска, Владимир Лукаш, Матеј Петров, Елена Пренџова, Виктор Спасески, Игор Трпчески, Исток Улчар и гостинот Шји Чуан од Кина.

Вториот настан, „Ослободување на видиците“, ќе започне истата вечер во 20 часот, а на него кинескиот поет Шји Чуан и Никола Маџиров ќе разговараат со професорката Елизабета Шелева. Тема на разговор е културната размена помеѓу далечните народи, но пред сè „поезијата како доживотен пркос на слободата и на припаѓањето: парадоксот Weast“. („Уист“ е кованка од зборовите „West“ и „East“ која проф. Елизабета Шелева ја нуди по повод оваа интеркултурна пригода).

На вториот ден настаните се уредувачката работилница со Сеида Бегановиќ, како и промоцијата на четирите изданија на „Булевар Ослободување“. Промоцијата ќе започне во 20 часот, а промотори на книгите ќе бидат Илина Јакимовска („Да сум на твое место“), Александар Станојков („Малага“), Билјана Дуковска („Булевар Ослободување бр. 10“) и Алек Маџаровски. Промоцијата на „Малага“ воедно ќе биде потсетување на ликот и делото на поетот Гого Ивановски, кому оваа година му се одбележуваат 101 година од раѓањето.

„Булевар Ослободување“ постои веќе 12 години: од 2014 г. како блог, а од 2020 г. и како издавачка куќа. „Булевар Ослободување бр. 2026“ се првите настани во организација на „Булевар Ослободување“. „Околу нас и насилства и страв, но ние сакаме гласно да читаме поезија. И, во суштина, да се забавуваме“, вели Живко Грозданоски, организатор на настанот „Булевар Ослободување бр. 2026“ и актуелен претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

„Да, да се забавуваме, но и да зборуваме и да размислуваме за други важни, а недоволно застапени теми: како уредувањето книжевни текстови“, потенцира Грозданоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот