Андреја Салпе и Оливер Митковски

Во МНТ ќе се одржи втората изведба на музичкиот перформанс со македонска поезија „Поетроника“

Перформансот „Поетроника“ е оригинален проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе. На 10 октомври, на малата сцена во МНТ, од 20 часот ќе се одржи втората изведба на перформансот.

„Поетроника“ е проект базиран на темелно повеќемесечно експериментирање на двајца наши артисти со опусот на домашните поети во тотална синергија со авторски креирана современа музика. Финалниот резултат е суптилен и културолошки многу значаен проект во форма на електронска музика со прекрасни амбиентални и џез звуци во комбинација со извонредно аранжирана македонска поезија.

Премиерната изведба на перформансот ја проследи музичарот и музички критичар Мирко Попов, кој напиша дека станува збор за „поетско-музички проект на два извонредно талентирани уметници од нашата средина. Читачкиот (поетски) дел му припаѓа на бардот на современото македонско глумиште, фантастичниот Оливер Митковски, кој суверено владее со својот длабок, сугестивен, комплетно лишен од патетика вокал. Музичкиот, е дело на еден од водечките современи македонски електронски артисти, младиот и безмерно надарен, Андреја Салпе“.

На првиот настап присуствувала и познатата писателка Румена Бужаровска.

– Неодамна присуствував на музичко-сценски настан за кој сметам дека претставува пресврт во македонската култура, какви што се случуваат повремено на деценија-две. Се работи за заедничкиот проект на музичарот Андреја Салпе и глумецот Оливер Митковски насловен „Поетроника“, музички албум кој се основа на поезија на деветмина македонски автори. Седејќи во мрачната интима пред малата сцена на МНТ, почувствував дека сум била сведок на нешто битно за кое долго ќе се раскажува – истакна Румена Бужаровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот