Во Македонскиот народен театар почнаа пробите за претставата „Три сестри“ во режија на Нела Витошевиќ
Театарската режисерка Нела Витошевиќ во Македонскиот народен театар ја поставува претставата „Три сестри“ (според истоимената драма на А.П. Чехов), а пробите почнаа минатава седмица.
Препорачано
Текстот за претставата е на Васил Христов и Нела Витошевиќ, драматургијата е на Викторија Рангелова – Петровска, сценограф е Никола Тороманов, костимографка е Роза Трајческа, а композитор на музиката е Огнен Анастасовски.
Во претставата играат: Ирина – Дарја Ризова; Маша – Наталија Теодосиева; Олга – Верица Недеска; Андреј – Дамјан Цветановски; Александар – Благој Веселинов; Иван – Емил Рубен; Игор – Ивица Димитријевиќ; Наташа – Нина Деан и Никола – Антонио Ташковски.
Новата постановка на „Три сестри“ ја преиспитува денешната стварност преку лепеза карактери заробени помеѓу спомените, изгубените идеали и копнежот по поинаков живот. Претставата отвора прашања за распаѓањето на општествените вредности, емиграцијата, осаменоста и чувството на живот во постојано одложена иднина.
Во овој новонастанат текст, инспириран од истоименото дело на Чехов, сцената станува простор за соочување со кризите на нашето време – ерозијата на хуманизмот, пропаѓањето на надежта и постепеното уништување на интелигенцијата во современото општество.
Преку судбините на ликовите, претставата проговорува за генерации, кои живеат помеѓу желбата за бегство и неможноста да се замине, меѓу љубовта и разочарувањето, помеѓу личниот пораз и поширокото општествено распаѓање.
„Три сестри“ е претстава за распадот на едно семејство и едно време, но и за пошироката криза на светот во кој знаењето, мислата и хуманизмот стануваат сè помаргинални вредности. Истовремено, ова е и претстава за упорниот човечки обид, и покрај сè, да се сочува достоинството и вербата дека е можен поинаков свет.
На првата проба се обрати Никола Кимовски, директорот на Македонски народен театар, истакнувајќи дека со особена радост и возбуда започнува нов творечки процес со режисерката Нела Витошевиќ.
Тој нагласи дека тешко би можело да се замисли поидеална поделба на улогите, потенцирајќи дека секој член на екипата, без исклучок, претставува суштински и драгоцен дел од целината. Во своето обраќање посочи дека проектот е плод на многубројни разговори и анализи, процес кој создава цврста основа за силна и значајна театарска постановка. Изрази и особена гордост за актерскиот ансамбл, како и за целиот тим вработени во МНТ, нагласувајќи дека токму заедничката посветеност, доверба и колективната работа се темелот врз кој започнува овој нов уметнички пат, известија од НУ Македонски народен театар.


