Плакат за промоцијата во КИЦ – Скопје

Во КИЦ-Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Раскажани стихови: историја на една љубов“

Промоцијата на книгата „Раскажани стихови: историја на една љубов“ од Марина Димитриева – Ѓорѓиевска, во издание на издавачката куќа „Македоника литера“, ќе се одржи на 26 мај, во 19:19 часот, во „Салон 19:19“ при Културно-информативниот центар – Скопје.

Книгата содржи суптилна и издржана лирика во која главни теми се љубовта и човечките доблести и слабости. Книгата содржи близу 80 песни во кои доминантни теми се љубовта, чесноста, почитта, човекољубието, праведноста, женската вистина во општествените, партнерските и семејните односи.

Секој лирски текст звучи како лична размисла која алудира на автореференцијалност, најмногу поради првото лице, но од друга страна, тоа е поезија која зафаќа проблеми од секојдневието на урбаниот човек, односно на жената: вредностите на животот и вредностите на љубовта.

Книгата ќе ја промовираат Нове Цветановски и Ранко Младеноски, а стихови ќе чита Ева Стојчевска.

Марина Димитриева – Ѓорѓиевска е родена во Скопје во 1978 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, на студиската група Македонска книжевност и јужнословенски книжевности со македонски јазик, каде што подоцна го завршила и магистерски и докторски студии. Професионалната кариера ја започнува како новинар и уредник во редакција за култура, потоа повеќе од една деценија работи како наставник по предметот Македонски јазик.

Во моментов е советник по предметот Македонски јазик во Бирото за развој на образованието. Автор е на повеќе научни трудови, прирачници и литературни дела, меѓу кои „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ (2024), „Семантиката на македонскиот роман на преминот од ХХ во ХХI век“ (2025) и „Еден ден со децата од Шареното маало“ (2024).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот