Знаме на Иран / Фото Архива на СП

Во Иран осуден познат режисер на камшикување и осум години затвор

Судот во Иран го осуди познатиот филмски режисер Мохамед Расулоф на осум години затвор и камшикување за злосторства против националната безбедност, изјави неговиот адвокат Бабак Пакнија.

Тој рече дека судот утврдил дека филмовите и документарците на Расулоф се „примери за заговор со намера да се изврши злосторство против безбедноста на земјата“.

„Судот, исто така, изрече неодредена парична казна и нареди заплена на имотот на Расулоф“, додаде Пакнија.

Расулоф ја доби Златната мечка за 2020 година за најдобар филм на Берлинале за „Не постои зло“, а неговиот филм „Човек со интегритет“ доби признание во Кан во 2017 година. Најновото дело на писателот и режисер, „Семето на светата смоква“, треба да биде премиерно прикажано следната недела на Канскиот филмски фестивал во Франција, пишува Си-Ен-Ен.

Непосредно пред прикажувањето на новиот филм, иранските власти испрашувале некои актери и им забраниле да ја напуштат земјата, а на Расулоф му рекле да го повлече филмот од фестивалот, тврди Пакнија.

Во 2022 година, иранскиот суд го осуди Расулоф на една година затвор и му забрани да снима филмови на две години, бидејќи, како што се наведува, вршел пропаганда против системот.

Иранската асоцијација на независни режисери ја критикуваше најновата казна и истакна дека „независните кинематографери ја осудуваат неважечката пресуда против Мохамад Расулоф и стојат покрај него и сите уметници кои се потсмеваат на цензурата на владата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот