Продажба на стари книги на Кејот на Вардар/Фото: Слободен печат

Во дрвените куќарки на кејот и понатаму ќе се продаваат книги, на плоштадот и семки и костени

Според предложената програма на плоштадите Македонија и Филип Втори ќе има тезги за продажба на книги, на костени, пченки, семки и друго, а на Кеј 13 Ноември, на истиот простор каде што се наоѓаат и сега, ќе има девет киосци за продажба на книги

Советот на Град Скопје на наредната седница треба да ја донесе Програмата за поставување киосци и тезги на подрачјето на Скопје за период од 2022 до 2026 година, со која се определуваат три локации за поставување монтажно-демонтажна опрема и тоа на плоштадите Македонија и Филип Втори, како и на Кеј 13 Ноември спроти паркингот кај „Холидеј ин“. Предвидено е на посочените локации да се поставуваат тезги за продажба на книги, тезги за продажба на костени, семки и друго, а на кејот, на истиот простор каде што се наоѓаат и сега, ќе има девет киосци за продажба на книги.

Од Градот сметаат дека со донесувањето на програмата, ќе се стави ред во користењето на јавниот простор преку определувањето конкретни 22 места каде што ќе се сместат тезгите и киосците.

За тезги за книги се предвидени вкупно 6 локации, од кои 4 ќе се постават на плоштадот Македонија и 2 на плоштадот Филип Втори. За тезги за костени, пченки и сл. предвидени се вкупно седум локации од кои 5 ќе се постават на плоштадот Македонија и 2 на плоштадот Филип Втори. За киосци за книги предвидени се вкупно 9 локации, сите на Кеј 13 Ноември – се вели во образложението на Програмата.

Доделувањето на локациите се предвидува да се одвива преку јавен повик од надлежен сектор во Град Скопје, на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани субјекти со поднесување писмени понуди. Откако ќе биде завршена постапката од јавниот повик и ќе бидат избрани корисниците, ќе им биде издадено одобрение за поставување на урбана опрема.

На почетокот на април Град Скопје побара од продавачите на стари книги што со години продаваат во киосците на кејот, да го ослободат просторот од сите предмети и да му ги вратат куќарките во онаа состојба во која ги примиле во 2013 година, затоа што веќе 4 години не поседуваат активни договори. Ова предизвика голема вознемиреност кај продавачите затоа што не знаеја што да прават и каде да ги носат илјадниците книги сместени во киосците. Тие бараа од Градот да им овозможи да останат во продажните дрвени куќарки и да им се продолжат договорите.

Овие корисници за првпат се пријавиле на јавен оглас во 2011 година со договор од времетраење од една година, што се продолжувал со анекс секоја наредна година. Оваа практика прекинала на 31.1.2018 година и овие граѓани целосно се ставиле во милост и немилост. Свесно биле оставени без дозвола и договор да ги користат куќарките, оставајќи можност на претходното раководство да се отстранат кога ќе посакаат. Дотолку што постојната состојба е спротивна на прописите, ја ограничува конкурентноста и го оштетува буџетот на Градот и граѓаните – велат од Град Скопје.

Затоа од Градот ги известиле корисниците дека во рок од 15 дена треба да ги ослободат куќарките од предметите што се во нивна сопственост и да му ги предадат објектите.

Во следниот период ќе се објави јавен повик каде овие лица и сите други заинтересирани ќе можат да се пријават за користење јавни површини, односно користење на куќарките – објаснија тогаш од Градот.

Оттогаш досега поминаа два месеца, а дури сега ќе се носи програмата за поставување киосци и тезги, па дури потоа ќе биде распишуван јавен оглас.

Во меѓувреме, дел од книжарниците на кејот сѐ уште работат и продаваат стари книги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот