Во болница ѝ го извадиле дотраениот колк и протези, а сега велат дека немаат материјал да ѝ стават нови

Виторе Наумовска од тетовско Непроштено осум години моли по болничките установи да го добие она што ѝ следува – здравствена грижа и заштита. Таа веќе три години живее без вештачки колк и потребните протези за левата нога, кои и биле хируршки остранети во 2019 година во „ГОБ 8 септември“ во Скопје, поради дотраеност, односно поминат рок. Таа сега едвај се движи со помагала.

„По интервенцијата ми ветија дека ќе ми постават нов колк и нови протези, но сега ми велат дека ги немаат потребните материјали“, раскажува Наумовска.

„Со мака, со патерица ја влечам ногата, ја влечам со мака. Стариот колк и протезите ми се остранети во 2019 година. Досега не успеав да направам операција, оти „ГОБ 8 септември“ беше како ковид-центар и само итни случаи се примаа таму. Дополнително, по првата операција, чекавме малку да се смири раната, оти имав некоја инфекција. Сега дојдено е времето да се стави нова протеза и колк, но ми велат немаат материјал“, вели Наумовска.

Нејзината голгота не завршила тука. Од „ГОБ 8 септември“ ја препратиле на скопските клиники, каде одбиле да ја оперираат со образложени дека треба да ги продолжи операционите зафати таму каде што и започнала, во „8 септември“.

„Но, како таму да правам операција, кога ми велат дека немаат материјали“?, прашува таа.

„Во Државна болница ортопедот ми рече: јас оваа операција не можам да ја направам, има други тројца лекари, ако се нафатат тие, нека интервенираат. Ме пратија кај директорот и одговорот од директорот беше да ми се направи операција во „ГОБ 8 септември“, а таму нема материјал. Сега јас го замолувам Министерството за здравство, Фондот за здравство, да ми помогне да обезбеди материјал и да направам операција кај докторот во „ГОБ 8 септември“ кај тој што се нафаќа да ми направи операција, кај докторот кој ми ги острани и протезите и колкот. Јас не можам да го купам тој материјал, со една социјална помош живеам и мажот ми не е вработен“, вели Наумовска

Од Фондот за здравство велат дека на болницата „8 септември“ минатиот месец ѝ е зголемен годишниот надоместок за 49 милиони денари (околу 800.000 евра), пари со кои може да се спроведе јавна набавка за протезите.

„Фондот на седницата на УО од 06.10.2022 година на „ГОБ 8 Септември“ му го зголеми годишниот надоместок за 49 милиони денари. Согласно Законските процедури ЈЗУ треба да го усогласи финансискиот план со зголемениот износ и во разговор со директорот на установата им е посочено дека врз основа на ова зголемување можат да го зголемат и Планот за јавни набавки за ставката ревизиони протези од комплексен тип и истите да ги набават.Заради самиот факт дека мора да се спроведе постапка за јавни набавки а и фактот дека рокот за плаќање е најмалку 30 дена, за да се добие во време е посочено на ЈЗУ „ГОБ 8 Септември“ да ги спроведат овие процедури за јавна набавка врз основа на веќе доделените средства од 49 милиони денари“, соопштија од Фондот за здравство.

Виторе Наумовска се надева дека потребните материјали ќе се набават, а таа конечно, по цели осум години, ќе добие колк и протези, за да може нормално да се движи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот