Мицкоски, касами, Меџити, Димитриевски Фото: Слободен печат

ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди со братска поддршка за да се „заврши работата“ уште во првиот круг

Христијан Мицкоски ја потврди информацијата на „Слободен печат“ дека ВМРО-ДПМНЕ нема да излезе со кандидати за градоначалници во општините каде што ЗНАМ и Вреди ќе номинираат кандидати. Филипче веќе остварил средба со Таравари, но засега нема детали од разговорите

Владините партнери ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и Вреди со заемна поддршка уште во првиот изборен круг ќе настапат на локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври. Премиерот Христијан Мицкоски ја потврди информацијата на „Слободен печат“ дека ВМРО-ДПМНЕ нема да излезе со кандидати за градоначалници во општините каде што ЗНАМ и Вреди ќе номинираат кандидати. Ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ првпат ќе нема кандидати во Тетово, Струга, Гостивар… но и во Куманово и во Центар. Стратегијата на владините партнери е во повеќето општини да победат уште во првиот изборен круг, односно да имаат сигурен пласман во вториот изборен круг.

Мицкоски изјави дека во добра насока се движат преговорите и со партијата на Максим Димитриевски и со коалицијата Вреди.

– Што се однесува до ЗНАМ, тука имаме принципиелен договор дека тие одат со свои советнички листи, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со свои советнички листи и во оние општини каде што ќе одлучиме да поддржиме кандидат, дали тоа ќе биде на коалицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ или ЗНАМ, едните или другите нема да истакнат свој кандидат и ќе се поддржуваат меѓусебно. Во конструктивна насока се водат преговорите и очекувам успех – рече премиерот.

Христијан Мицкоски Фото: Принтскрин

Според партиски извори, веќе е договорено ВМРО-ДПМНЕ за Куманово да ја поддржи кандидатурата на актуелниот градоначалник Димитриевски, како и кандидатот на ЗНАМ за скопската општина Центар. ЗНАМ уште нема одлука кого ќе номинира во Центар, а во игра се д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација, и заменикот министер во Министерството за енергетика, Мирослав Лабудовиќ. Партиски извори брифираат дека ЗНАМ настојува да обезбеди уште една до две помали општини, каде што тие ќе имаат кандидат за градоначалник, како што се Старо Нагоричане, Дојран, Валандово и Крушево. ЗНАМ во првиот изборен круг ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, а неофицијално, партијата на Димитриевски ќе обезбеди поддршка и за кандидатите на Вреди, за што, пак, очекува поддршка од албанскиот владин партнер, особено за Куманово. ЗНАМ се очекува неделава да излезат со јавна поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Мицкоски потврди дека и со Вреди очекува договор за поддршка уште во првиот изборен круг.

– И со коалицијата Вреди очекувам уште во првиот круг во одредени општини да ги поддржиме кандидатите на оваа коалиција, затоа што силно веруваме дека политичката партија што повеќе од 20 години не направи ништо, на која примарно им беше да издаваат лиценци за марихуана, да отвораат казина, да купуваат трговски центри, скапи дуќани во центар на град… Мислам дека треба да биде поразена на овие избори и да замине во историјата на македонската политичка сцена – рече Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ без кандидати за градоначалници за Тетово, Гостивар и Струга?

Како што веќе објавивме, разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Вреди се во насока партијата на Мицкоски да нема кандидати за градоначалници во Тетово, каде што уште во првиот круг ќе го поддржат актуелниот градоначалник Билал Касами, во Струга ќе застанат за бизнисменот Менди Ќира, кој веќе ја доби поддршка од Вреди, а во Гостивар најверојатно Вреди ќе истрча со универзитетскиот професор Висар Адеми. Според брифинзите, ВМРО-ДПМНЕ ќе нема кандидати за градоначалници ни во Чаир, каде што кандидат се очекува да биде првиот вицепремиер Изет Меџити, но и кандидатите на Вреди во Сарај, Теарце, Врапчиште, Желино и во Боговиње. ВМРО-ДПМНЕ, пак, од Вреди очекува поддршка во првиот круг во Скопје, Бутел, Гази Баба, Крушево, Ресен, Ѓорче Петров…
Од СДСМ веќе информираа дека ќе немаат кандидати во Тетово, Гостивар, Струга, Сарај, Чаир, Дебар и Желино, а на поддршка во Скопје, Куманово и други општини се надеваат од Европскиот фронт или, како што сега го нарекуваат, Национален фронт, за во него да го смести и делот од Алијанса на Албанците предводен од Арбен Таравари.

Филипче Сдсм/ фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Според информации на „Слободен печат“,  лидерот на СДСМ Венко Филипче веќе се сретнал со Таравари, но засега нема детали од средбата, додека средба меѓу Филипче и лидерот на ДУИ Али Ахмети досега немало. Висок функционер на ДУИ, брифира дека во агендата на Ахмети засега не е планиран состанок со Филипче. Тоа пак, не ја исклучува опцијата СДСМ преку Таравари да договара меѓусебна соработка за локалните и со ДУИ. Од Европскиот или Националниот фронт велат дека привршуваат со договарите за  големата коалиција и дека засега не разговарале за други соработки.
Од таму официјално не потврдуваат дали е постигнат договор која од партиите каде ќе номинира градоначалници. Според партиски брифинзи, ДУИ ќе истрча со кандидати во Тетово за каде се споменува потпретседателот на партијата Бајрам Реџепи, во Чаир, каде што можно е да истрча потпретседателот Бујар Османи, Кичево – актуелниот градоначалник Фатмир Дехари, како и во Боговиње, Брвеница, Желино, Студеничани, Липково, Долнени и Чашка. Алијанса за Албанците, предводена од Зијадин Села, ќе номинира градоначалници во Струга (не се исклучува номинација на Села), Дебар и во Арачиново, додека АА на Арбен Таравари – во Гостивар, Сарај и во Врапчиште.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот