ВМРО-ДПМНЕ му поднесе пријави на Петре Шилегов

Советничката група на ВМРО ДПМНЕ поднесе пријави до Државен завод за ревизија, Финансова полиција и Државната комисија за спречување на корупција против градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Советниците, како што соопштија, се сомневаат дека Шилегов „незаконски прибира и троши пари од анонимни спонзори“.

– За Шилегов донацијата од 100 илјади евра за неколку часовниот настап на Дино Мерлин е анонимна, анонимна е и донацијата за најскапиот тревник кој скопјани ги чини 530 илјади евра, анонимни се и спонзорите кои го градат стационарот за кучиња Лајка, единствено не се анонимни ароганцијата, навредите и неспособноста на Петре Шилегов.

И покрај постојано упатени прашања до Петре Шилегов, кои се спонзорите на 100 000евра за Дино Мерлин, кои се спонзорите кои го градат стационарот Лајка, кои се спонзорите на тревен бус на плоштад, се уште не добиваме никаков одговор освен дека се анонимни. Превезот на анонимност на Шилегов отвора сомнеж за перење на пари и финансиска злоупотреба.

Поради сомневање за начинот на прибирање и трошење на пари од анонимни спонзори Советничката група на ВМРО ДПМНЕ поднесе пријава до Државен завод за ревизија, Финансова полиција и Државната комисија за спречување на корупција. Граѓаните имаат право да знаат кои фирми се општествено одговорни и како се трошат донираните средства, и дали Петре Шилегов ги злоупотребува средствата и парите кои ги преставува за анонимни? Дали зад анонимните пари се кријат сомнителни анонимни бизниси – прашуваат советниците во нивното соопштение упатено до јавноста.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ е составена од Ирена Мишева, Мухамед Амети, Михајло Маневски, Јован Лазарев, Светлана Колариќ, Анета Стојановска Стефанова, Александар Трајановски, Јелена Жугиќ, Саит Алеиви, Владо Поповски, Ирена Попова, Али Берат, Василка Китановиќ, Ерџан Селими, Мирдита Салиу, Лука Кржалоски и Луке Галески.

Претходно, од Град Скопје во соопштение за јавноста за прес-конференциите на опозициските колеги поврзани со новиот плочник на скопскиот плоштад, изјавија дека тоа се небулозни тврдења: „ВМРО-ДПМНЕ и нивната советничка група во Град Скопје не знаат да разликуваат основни работи (тревник од плочник), па од тие причини излегуваат на прес-конференции со небулозни тврдења“.

Парцелата каде сега е поставен тревникот, ВМРО-ДПМНЕ ја продаде во 2013 година на албанската фирма „Амадеус груп“. На локацијата требаше да има барокна зграда, но во вторникот Општина Центар повторно го поништи одобрението за градење на инвеститорот во однос на градењето на таканаречените „Шпански скали“.

Ние ќе продолжиме чекор по чекор да ги решаваме наталожени проблеми останати од нивното лудило, а тие слободно можат да продолжат да се занимаваат со небулози, лаги и да креираат лажни вести, реагираше скопскиот градоначалник Шилегов на обвинувањата на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје во четвртокот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот