ВМРО – ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата што ја поднесе Левица за Коцевски
ВМРО-ДПМНЕ, партијата со најголем број пратеници во Собранието, ќе ја поддржи интерпелацијата што ја поднесе Левица за републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, соопшти координаторот на пратеничката група на партијата Никола Мицевски.
Препорачано
– Без оглед на суштинските и сериозни разлики што постојат меѓу ВМРО-ДПМНЕ и политичката партија Левица – особено во однос на нивниот политички курс и соработката со СДС – нашата заложба за бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал останува цврста, доследна и недвосмислена. Таа борба не смее да зависи од политичките калкулации или од моменталните партнери во опозицијата или власта. Таа борба треба да биде водена од принципи и убедувања – дека државата мора конечно да добие функционален, независен и храбар обвинителски систем, кој нема да молчи пред очигледен криминал, кој нема да трепери пред политички притисок, и кој нема да се претвори во соучесник на тие што ја поткопаа државата. Институциите, во соработка со обвинителството со години молчеа пред огромните скандали, голем дел предизвикани од врвот на СДС и ДУИ, што ѝ се добро познати на јавноста. Тие случаи не се и не смеат да бидат заборавени – туку тие се и денес отворена рана на ова општество. А јавното обвинителство остана рамнодушно и пасивно пред тие извори на неправда. Токму затоа сметаме дека дадената шанса за Љупчо Коцевски е веќе потрошена. Поддршката што тој ја доби не ја оправда. Наместо реформа и интегритет – добивме молк и сервилност кон власта што беше поразена од народот. Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи интерпелацијата, во интерес на принципите, граѓаните и правдата – рече Мицевски.
Мицевски ја соопшти одлуката на пратеничката група откако вчера премиерот Христијан Мицкоски рече дека тој како човек и партија не го менуваат ставот преку ноќ. Постапката за разрешување што ја иницираше владата против Коцевски ја запре откако се случи трагедијата во Кочани и тогаш беа задоволни како Коцевски ја истражува трагедијата. Но откако беше поднесено првото обвинение за Кочани, сега излегоа со став дека ќе ја поддржат неговата смена.


