Ислам Абази - шеф на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција / Фото: Слободен печат - Драган Митрески
Ислам Абази - шеф на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

ВМРО-ДПМНЕ бара шефот на ОЈО ГОКК Ислам Абази да си даде оставка, откако обвинителката Катерина Коларевиќ го затвори предметот за мазутот

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение до јавноста го напаѓа шефот на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал Ислам Абази дека „имал концесии кон Заев, Ахмети и Филипче за напредокот во кариерата и сега дословно си одработува па стопира постапки против лица од СДСМ и ДУИ“. Од партијата побараа оставка од него.

Ова доаѓа откако неделава ОЈО ГОКК соопшти дека ја запрело истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ Неготино за време на енергетската криза. Истрагата што ја водеше обвинителката Катерина Коларевиќ е запрена зашто според ОЈО ГОКК не се потврдиле наводите од кривичната пријава. Со тоа ослободени од кривичен прогон се сопственикот на „РКМ“ Ратко Капушевски (поранешен директор во време на ВМРО-ДПМНЕ), Исмаил Јахоски сопственик на „Пуцко петрол“ (син на пратеникот Јахоски од ДУИ), Васко Ковачевски од СДСМ и други што беа осомничени.

Шефот на Јавното обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази со полна пареа си одработува за челното место на кое го ставија СДС и ДУИ. Како кадар на Али Ахмети, Зоран Заев, Венко Филипче, Абази ги спасува од одговорност криминалците во редовите на СДС и ДУИ, па така донесе одлука за стопирање на постапката за случајот „Мазут” за сторен криминал тежок 167 милиони евра. Повеќе од јасно е дека со ваквата скандалозна одлука, Абази е под лична и политичка концесија кон Ахмети, Заев и Филипче, како ментори на неговата професионална кариера во чие време стана шеф на ОЈО ГОКК. Затоа Абази не виде криминал, којшто цела јавност го виде и слушна, во предметот за набавката на мазут вредна 167 милиони евра за потребите на ТЕЦ Неготино од лицата блиски до ДУИ и СДС, како што се Васко Ковачевски, Ерџан Сулкоски, Ратко Капушевски и Асмир Јахоски и нивните партнери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму сметаат дека и покрај тоа што стручни истражители од Министерството за внатрешни работи, обезбедиле релевантни докази за оваа „коруптивна и криминална набавка“, сепак Ислам Абази и неговата соработничка Коларевиќ од ОЈО ГОКК, одлучиле оваа истрага да биде прекината и за тоа кривично никој да не одговара.

Затоа потребно е оставка од Ислам Абази и постапка од Советот на јавни обвинители за него и Коларевиќ како ја донеле одлуката за стопирање на постапката за предмет од голем јавен интерес. Згора на тоа и АД ЕСМ излезе со јавна реакција во која вели дека обвинителството ги искривило исказите и наодите на вештите лица кои немаа надлежност да зборуваат за финансиската штета која е предизвикана на претпријатието. Тоа што треба да се знае е дека Советот на јавните обвинители, по закон, има обврска да ја следи работата на обвинителите и согласно овие законски надлежности обвинителот Ислам Абази и неговата колешка Коларевиќ, треба да бидат темелно испитани и сослушани. Заедно со нив, исто така, треба да биде истражена и постапката и начинот на којшто тие одлучуваат да го прекинат овој случај наречен „Мазут” и обвинетите, уште пред да појдат на суд, да ги амнестираат од каква било одговорност или од какво било обвинение. Тоа е предмет за кој постојат сериозни индиции и сомнежи за криминал, корупција, перење пари, но и загадување на животната средина и со тоа и труење на граѓаните и македонската јавноста има право да го дознае секој детал за оваа набавка која, веројатно, буџетот го оштетила за 167 милиони евра, а граѓаните ги труеше со мазут кој сериозно го загадувал воздухот. Во спротивно, ќе испадне дека одредени истражувачки новинари беа поефикасни во истрагата за предметот од обвинителите Ислам Абази и Коларевиќ, на кои тоа им е работа, пишува во соопштението од партијата.

Претходно, генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ за Сител телевизија изјави дека е скандалозно  премиер на држава, мислејќи на Христијан Мицкоски, да излезе на телевизија и да кажува како се слуша со јавниот обвинител и го прашува до каде е истрагата. Оваа негова изјава беше дадена откако републичкиот јавен обвинител Ненад Савески потврди дека телефонски разговарал со премиерот Христијан Мицкоски, ама дека не се зборувало за детали околу овој предмет кој беше затворен.

 

„Скандалозно е премиер на една држава, една ваква држава во која што има јасно определена власт, да излегува на телевизии и да кажува како се слуша со јавниот обвинител и го прашува до каде е истрагата, па згора на тоа и јавниот обвинител го потврдува тоа и вели: ‘Да, се слушнавме со премиерот, разговаравме’. Сега гледаме една плејада на функционери, портпаролката Митева, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кои што се обидуваат да го оправдаат премиерот и да ни објаснат дека е нормално премиерот да разговара со обвинителот и да се интересира за истрагите и да прашува до каде се и да сугерира како да се одвиваат”, рече Димитријевиќ.

Тој додаде дека ваквите постапки стануваат пракса во државата, а сомнежите за влијание врз обвинителството се потврдиле уште со изборот на јавниот обвинител.

-Скандалозно е премиер на држава да излезе и да каже дека телефонски разговарал со обвинител и се интересирал и си договарале, разговарале за детали. Со самиот избор на јавниот обвинител, самото тоа што е предлог на Мицкоски, тогаш изразивме сомнежи и тоа се потврди,  рече Димитријевиќ.

Во интервјуто, Димитријевиќ укажа дека постојат повеќе случаи и скандали кои, како што кажа, останале без разрешница, а премиерот во повеќе наврати јавно му сугерира на обвинителството како да постапува.

-Не е прв пат премиерот да му кажува на обвинителот што да прави. Го слушнавме и од собраниската говорница како му кажуваше што да прави. Потоа, премиерот имаше и некакви чувства за некакви пресуди, се закануваше кон опозицијата, а јавниот обвинител остана нем. Така што не нѐ чуди што разговараат. Во последниве две години сѐ што е ненормално стана нормално и треба да се престане со тоа, порача Димитријевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот