Власта сама ќе работи на уставните амандмани, Беса откажа, а во работната група нема место ни за „огнените“

Министерство за Правда/ Фото: Влада на СРМ

Во очекување Министерството за правда денеска да го обелодени составот на работната група која ќе работи на подготовка на уставните амандмани, најверојатно работното тело ќе се конституира без ниту еден претставник од опозициските партии и од македонскиот и од албанскиот политички кампус, бидејќи до истекот на рокот – синоќа на полноќ, Беса иако најави, не номинирала свој предлог, потврдуваат за „Слободен печат“ од ресорното министерство.

Претходно опозициските ВМРО-ДПМНЕ и помалите коалициски партнери, како и Левица и опозициската Алтернатива информираа дека нема да учествуваат во работната група за уставните измени.

„Огнена група“ иако побара како фракција на ДУИ да биде дел од работната група за уставните измени, нема да може да номинира свој член, бидејќи како што велат за „Слободен печат“ од Министерството за правда, принципот е од секоја партија да има по еден претставник.

„Сакајќи во овој процес да имаме активна, а не само набљудувачка улога, иако официјално не смe поканети, ја изразуваме нашата целосна подготвеност како фракција во рамките на ДУИ да учествуваме во работната група за уставни измени и да ги ставиме на располагање на државата сите наши професионални капацитети“, се вели во соопштението на Фракцијата на ДУИ.

Од Фракцијата додаваат дека евро-атлантските интеграции претставуваат приоритет над приоритетите и дека цврсто ги подржуваат уставните измени.

„Непоколебливо ја подржуваме иницијативата за уставни измени, процес кој би отворил нова перспектива за земјата на патот кон интеграцијата во ЕУ, почитувајќи ја апсолутната волја на албанскиот народ за отстранување на формулацијата „20 проценти“ од Уставот во однос на албанскиот јазик. Го покануваме целиот албански политички фактор да се произнесат за оваа битна тема, да ја поддржат оваа иницијатива и да бидеме обединети во овој став, бидејќи со ова се отвора ново поглавје во нашиот пат кон ЕУ, но исто така се поправа и една дво-децениска неправда кон албанскиот народ во Република Северна Македонија“, се вели во соопштението.

Во работната група за уставните измени освен претставници на партиите ќе бидат ангажирани и експерти по уставно право., како и претставници од Секретаријатот за европски прашања, од Министерството за надворешни работи и претставник на претседателот на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот