Владо Илиевски е нов спортски директор на Цедевита Олимпија
Официјално поранешниот македонски репрезентативец Владо Илиевски е новиот спортски директор на словенечкиот кошаркарски клуб Цедевита Олимпија.
Препорачано
Поранешниот врвен кошаркар, кој во својата кариера ги носеше дресовите на Партизан, Барселона, Лотоматика, Тау Керамика, Ефес, Нимбурк, загрепска Цедевита и љубљанска Олимпија, на местото спортски директор го наследи Сани Бечировиќ, кој по четири сезони го напушта клубот.
Илиевски во 2017 година се прости од кошарката по исклучително успешна кариера и многу сезони минати во екипи од Евролигата, а во последните години беше и претседател на Кошаркарскиот клуб Илирија.
За клупскиот сајт на Цедевита Олимпија изјави дека е задоволен сум и среќен што овојпат во малку поинаква улога се враќа во клуб кој му даде многу и кој беше отскочна даска за неговата кариера.
– Заедно со сите мои колеги во клубот ќе ја вложам сета моја енергија и амбиции, да напишеме успешна приказна. За мене лично е голема чест што станав спортски директор на најголемиот кошаркарски клуб во Словенија и сакам словенечките спортски ентузијасти и фанови да ја препознаат нашата работа и да ни се придружат што е можно повеќе на нашите домашни натпревари – вели Илиевски.


