Владиката Јован: „Срушени се сите бариери меѓу мене и архиепископот Стефан, се прегрнавме и се целивавме“

фото: 360степени, Митрополитот крушевско-демирхисарски г. Јован во разговор за „360 степени“

„Ги срушивме сите бариери што беа меѓу нас. Се прегрнавме и се целивавме“. Вака крушевско-демирхисарскиот митрополит г. Јован (Вранишковски), во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, ја опишува средбата со поглаварот на МПЦ ОА, архиепископот г.г. Стефан, прва по 20 години без меѓусебни контакти. Таа средба се случила на 19 мај 2022 година, при првата заедничка литургија на владици на Српската православна црква и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

„Се прегрнавме, се целивавме братски. А тоа значи дека сите бариери што беа меѓу нас, ги срушивме. Во суштина, и не треба да има бариери, особено меѓу нас архиереите затоа што треба на сите да им ја објавуваме веста за единството. Немаше можност за некакви долги дијалози и разговори, ама имаше изразување на добрата волја и кај мене, а верувам и кај архиепископот Стефан“, вели ново-стариот владика на МПЦ ОА во интервјуто.

На прашање дали со оглед на тоа колку далеку отидоа поделбите во изминатите години и каде е состојбата денес, може да се каже дека станува збор за „мало чудо“, г. Јован одговара:

„Секојдневно во Црквата се случуваат чуда. И ова може да го наречеме чудо затоа што после толку години и јас не се надевав дека вакво ќе биде решението. Се навикнува човек, ете поминаа 20 и кусур години од пристапувањето кон единство кое го имавме во 2002 година. И човек се навикнува, односно се прилагодува. Сега ова е сосема нова ситуација и изненадување за сите. Ама Господ така и ги праќа решенијата, општо и во животот, како изненадување“.

Тој се осврна и на моментите кога беше жестоко критикуван, пред 20 години, кога ги прифати Нишкиот договор и повикот на тогашниот српски патријарх Павле за влегување во канонско единство со СПЦ, единствен меѓу владиците на МПЦ ОА.

„Ние кога излегувавме од МПЦ, односно влегувавме во единство со целата православна екумена, најневкусни беа критиките од јавноста, односно од јавните медиуми. Во суштина, и сега се случува истото со МПЦ само многу помалку и фала му на Бога што е така. Затоа што тоа е резултат, ми се чини, на неразбирањето на одредени појави во Црквата, кои неретко се спротивставени на секојдневниот политички живот и на државата во којашто живееме. И на целиот свет воопшто. Затоа што Црквата постои со векови. Политичката ситуација кај нас не е баш зрела за да може да ги толкува сите тие зрелости на Црквата“,  вели во интервјуто крушевско-демирхисарскиот митрополит.

Јован (Вранишковски) на 3 септември оваа година беше интронизиран во митрополит на Крушевско-демирхисарската епархија откако со одлука на Синодот, а по договорот со СПЦ, ПОА беше интегрирана во МПЦ ОА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот