Владата во одбрана на Наумовски: Не е член на партија како Данева и Дабовиќ
Професорот на Правниот факултет Гоце Наумовски не е член на политичка партија за разлика од претходните предлози, како Ана Павловска – Данева и Јадранка Дабовиќ – Анастасовска, велат од Владата за советникот на премиерот Христијан Мицкоски кој вчера на Комисијата за избори и именувања беше изгласан за предлог за Уставен судија од претседателот на Комисијата кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Дали има судир на интереси тоа што Наумовски му е советник на Мицкоски и ако биде избран, ќе треба да одлучува во Уставниот суд, од Владата велат дека тоа не го оценува друга институција.
-Станува збор за редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, респектиран научник во областа на правото, интелектуална сопственост и правна аргументација, со докторат на Универзитетот во Стразбур, со објавени бројни научни трудови во домашни и меѓународни списанија, со одлична европска академска вмреженост и активно учество на европски и светски конференции. Важно е да се знае во однос на постапката дека Собранието носи одлука по предлог на Комисијата за избори и именување, а за судир на интереси оценува друга институција, не Владата. Во насока на влијание, а е поврзано со инсинуации за партиска поврзаност, за разлика од претходни предлози, како Ана Павловска, потпретседател на СДСМ, или Јадранка Дабовиќ, носител на советничката листа на СДСМ, проф. Гоце Наумовски не е член на политичка партија. Како Влада напоменуваме дека Уставен суд е независен и самостоен орган од сите други органи на државната власт, одлуките односно решенија се носат со мнозинство, а работата на Уставниот суд е јавна – велат од Владата.
Професорот Наумовски се најде на списокот на советници на Владата кој беше објавен во јануари минатата година, а како што пишуваше, тој го советувал премиерот за прашања од областа на правото.
Дабовиќ-Анастасовска во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд. Оставката, како што информираат од Уставниот суд, е поднесена поради здравствени и лични причини.
Во Судскиот совет во тек е оглас за уставен судија од редот на судиите, кој треба да дојде на местото на Елизабета Дуковска.


