Вкусни приказни со Кристина Колевски: Рецепт за домашен бурек од готови кори
Во време кога сите брзаме и често готвиме „набрзина“, убаво е да се потсетиме дека подготовката на храната може да биде и вистинско уживање.
Препорачано
Токму така готви и Кристина Колевски од Битола – со вистински мерак и љубов кон целиот процес. Преку својот инстаграм-профил @solenoblagiprikazni, таа веќе подолго време ги инспирира луѓето да влезат во кујна, да си дадат време и да зготват нешто вкусно.
Денеска таа ни го претставува својот рецепт за домашен бурек од готови кори.

Потребни состојки
- 500 г кори
- 250 г сирење
- 180 г блитва
- 250 мл газирана вода
- 130 мл масло
- 1 ќесичка прашок за печиво
Подготовка
Во газираната вода додадете го прашокот за печиво и промешајте. Сирењето издробете го со вилушка, а блитвата убаво измијте ја и ситно исечкајте ја.
Тргнете една кора настрана за на крајот.
Во намрсено округло тавче (бр. 26), премачкано со маргарин, ставете една кора и попрскајте ја со масло и газирана вода. Врз неа ставете друга кора во спротивна насока (една вертикално, друга хоризонтално, така што ќошевите да излегуваат надвор од тавчето). Продолжете по истиот редослед со вкупно четири кори.
Врз четвртата кора ставете сирење и блитва. Потоа повторно редете четири кори и повторно фил од сирење и блитва.
Кога ќе ги потрошите сите кори, започнете да го затворате бурекот со ќошевите што излегуваат од тавчето. При секоја кора попрскувајте со мешавината од вода и масло, а на секоја четврта додавајте фил од сирење и блитва.
Печете во претходно загреана рерна на 200 °C околу 30–40 минути, во зависност од рерната. Кога бурекот ќе биде готов, ќе се одвои од тавчето. Превртете го од тавата на чинија.
На здравје!


