Визуелна уметност: Разговор со Елена Чемерска, добитничка на наградата „Денес“

Организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФР~У“ во соработка со Центар за современи уметности – Скопје ја објави петнаесеттата добитничка на наградата „Денес“ за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка до 35 години, а годинава тоа е Елена Чемерска.

Наградата „Денес“ подразбира двомесечен престој во Њујорк, САД, во студијата на „Residency Unlimited (RU) Inc.“ и покривање на сите трошоци за престојот на уметницата, како и техничка, кураторска и административна поддршка на кариерата и запознавање на мрежа на уметници и куратори, сето тоа со финансиска поддршка на фондацијата „Trust for Mutual Understanding“ од Њујорк.

Што прво си помисли кога дозна дека си добитничка на наградата „Денес“?

– Ми беше драго. Сметам дека сите учеснички имаат исклучителни квалитети како авторки, секоја во својот регистaр. Ми беше навистина чест што го делевме тој заеднички простор и што имав прилика подобро да се запознаам со нивната работа и да научам од нив.

Развојот на мојата професионална кариера е сѐ уште во ран стадиум и се обидувам да бидам навистина внимателна, отворена на сугестии, претпазлива, критична и самокритична. Забележувам по себе, но и по примери на мои пријатели кои се бават со уметност, дека во нашиот контекст постојат аспекти од нашата работа кои консумираат несразмерно многу време и се навистина исцрпувачки. На практично ниво, незамисливо е да се опстои без самоорганизација развиена и испланирана до детаљ. Тој комплексен процес на постојана и континуирана работа врз себе, на практикување и на создавање уметност е дополнително отежнат во средини како нашата, во кои практично eдвај и да постои каква било инфраструктура и средства детално осмислени да бидат ефикасно ставени на располагање за одржување, поддржување и развивање на работата на уметниците. Овој потценувачки став е огромен проблем што се одразува драстично на состојбата во културата, но и на општественото живеење воопшто. Јас и не сум сигурна колку сме на колективно ниво свесни за драматичните последици кои ваквите перспективи ги предизвикуваат, бидејќи тие се прошируваат далеку надвор од рамките на она што би било согледувано како некоја изолирана „работа во културната сфера“. Признание како ова може да претставува охрабрување да се продолжи понатаму, да се изострат некои фокуси, а отвора и нов простор за развивање, информирање и созревање на уметничката работа. Важно е да обезбедиме повеќе вакви можности во иднина за младите автори од нашето подрачје.

Процесот на селекција беше прилично предизвикувачки, со презентација на претходни дела, со креација на ново дело за конкурсот, со директни разговори со сите членови на комисијата. Практично, колку време и енергија посвети на подготовките за учество на конкурсот?

– На делото почнав да работам на почетокот на минатата година. Наградата се доделува биенално и активностите беа планирани да се случат во април 2020. Тогаш пандемијата зема замав и стана јасно дека изложбата ќе мора да почека. Со посериозна концентрација одново му се вратив на делото во изминатите неколку месеци, а заобиколувањата секако го информираа делото. Процесот на создавање на уметничко дело за мене е долг процес во кој, всушност, одлуките и чекорите што ги преземаме во одреден момент се тесно врзани и условени од претходното наталожено искуство, дури и кога одлуките се радикални отстапки од она што е градено до тој момент.

Просторна инсталација „Со овие одломки ги потпрев урнатините свои“ на Елена Чемерска

На конкурсот учествуваше со просторната инсталација „Со овие одломки ги потпрев урнатините свои“. Со каква цел се одлучи за тоа дело?

– Делото претставува еден вид продолжување на некои мои интереси врзани со модерниот поглед на светот, тесно врзан со идејата за напредок. Земајќи ја предвид човечката потреба за проективност и значење, се обидувам да допрам – од некоја денешна точка на порозност и расчленување – до некои болни точки што ја признаваат и опачината – насилството впишано во човечкиот напредок така како што е тој освојуван, извојуван и реализиран низ целата западна модернизација. Преку воспоставување на внимателно одбран референтен систем, се обидувам да го заземјам делото во просторот кој го отвора присуството на уметничкото модернистичко наследство во нашиот контекст – модернизам, кој е сепак алтернативен во однос на доминантното западноевропско сфаќање, земајќи ги предвид специфичните историски околности во кои кулминира.

Целта не е да се заземе страна, туку да се соберат заедно и така да се направат видливи расфрлани фрагменти, кои остануваат да постојат и да се случуваат во нашето опкружување. Овие фрагменти имаат различни просторни, временски и материјални конфигурации кои одекнуваат на различни фреквенции, а со нивното компилирање во една отворена композиција, сакам да укажам, пред сѐ, на можноста за една таква компилација. Она што го „заговарам“ е отворањето на просторот резервиран за знаењето кон процесите кои ги подразбира мислењето. Делото е обид да се разгледа можноста за распуштање на некои цврсто одредени категории и омекнување на границата што го дели човекот од неговото опкружување, со надеж тука да се отвори простор за замислување на подобар живот во капиталистичките урнатини.

Наградата „Денес“ подразбира двомесечен престој во Њујорк. Со какви планови ќе заминеш во Њујорк?

– Сѐ уште е рано да кажам. Резиденцијата има своја структура, таа постои веќе подолго време и некои работи се поставени на одреден начин. Подразбира одредена програма, и откако ќе добијам подетални информации од организацијата кои овозможуваат да го разберам контекстот во поголема длабочина, ќе можам да ги измерам своите интереси и перспективи и да го осмислам својот пристап. Во секој случај, возбудена сум и се радувам на периодот што следува, можноста за оваа средба и можноста и од тоа да произлезе нешто ново.

Што за млади уметници значи да се биде присутен во ваков центар на светските текови во уметноста и културата?

– Секој нов простор што се отвора да биде населен, претставува искуство со апсолутно и незаменливо значење за телото што е на него изложено. Колку е поширок тој простор, толку поголеми можности му нуди да се шири и на самото тело, или процесите што во него се случуваат. Овие тела не се некои апстрактни категории, тоа се нашите сопствени тела. Сигурна сум дека Њујорк како простор нуди навистина широки можности за нови нешта и соединување енергии. Мислам дека САД во моментов се наоѓаат на навистина интересен праг; пандемијата разјасни колку се неодржливи некои ситуации и поттикна дестабилизација на одредени динамики дизајнирани да ги одржуваат тие ситуации, неповратно. Имајќи ја предвид моќта која е таму концентрирана, мислам дека процесите што следуваат ќе бидат исклучително интересни и нивниот ефект ќе се почувствува низ целиот свет. Моето поле на дејствување е уметноста, низ транспозициите што таа ги нуди го искусувам светот и тоа е она што најмногу ме интересира. Навистина сум возбудена да видам како од оваа позиција ќе одговориме на овие случувања, и која ќе биде нашата улога во создавањето, препознавањето, градењето и негувањето на новите светогледи.

(Разговорот е објавен во „Културен печат“ број 79, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот