Вистинската приказна за кралицата Шарлот: Нејзиното етничко потекло и денес предизвикува бројни дебати
Ова е вистинската животна приказна на кралицата Шарлот, чии лик и дело се екранизирани во новата серија „Queen Charlotte: A Bridgerton Story“ и во која е претставена како монарх од црната раса, пишува српскиот „Нешнл џиографик“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Шарлот била родена во 1744 година, во Миров, денешна Германија. Во многу текстови, таа е опишана како образована, вљубеничка во уметноста и францускиот јазик. Но, тие нејзини способности не го привлекле вниманието на англискиот крал Џорџ Трети да ја избере за сопруга, или барем не на почетокот.
По ненадејната смрт на Фредерик, принцот од Велс, неговиот син Џорџ Трети го наследил тронот. Тој тогаш имал само 22 години, па сѐ уште не размислувал многу за брак. Соочен со брзањето што го барала ситуацијата, новиот крал побарал од судот да се направи ревизија на сите германски протестантски принцези. И така кралицата Шарлот влегла на британската кралска сцена.

На 17-годишна возраст, таа станала кралица-сопруга на Џорџ Трети и двајцата биле крунисани во Вестминстерската опатија во 1761 година. Помалку од една година подоцна, се родило првото од нивните 15 деца, од кои две починале пред полнолетството.
Првата резиденција на кралската двојка била палатата Сент Џејмс, додека не се преселиле во Бакингемската палата во 1762 година. Што се однесува до неговиот брачен живот, односот меѓу Џорџ Трети и Шарлот бил задоволителен уште од самиот почеток, но физичкото и менталното здравје на монархот почнало да се влошува во 1780-тите, што довело до проблеми во нивната врска.

Како што менталните нарушувања на Џорџ Трети станувале сѐ почести и поинтензивни, до тој степен што кралот станал закана за кралицата, лекарите морале да го изолираат. Тогаш неспособноста на монархот да владее довело до назначување на Џорџ Четврти за принц регент, иако Шарлот сè уште била одговорна за нејзиниот сопруг.
Тоа траело додека не умрела, разделена од нејзиниот сопруг, во 1818 година во нејзината фотелја, опкружена со нејзините ќерки Августа и Марија, како и со принцот регент и војводата од Јорк. И Џорџ Трети починал две години подоцна, во замокот Виндзор.
Дали навистина била црнка?
Етничкото потекло на кралицата Шарлот било предмет на стручно истражување на крајот на 20. век, а сега популарната серија повторно ја отвори дебатата.
Биографската архива на Британската кралска куќа не содржи информации за неа пред стапувањето во брак со Џорџ Трети. Поради тоа, некои историчари ја поддржуваат хипотезата дека таа имала африканско, но и дека имала муслиманско потекло.

Во таа смисла, историчарот Марио де Валдес Коком во 1997 година ја претстави можноста сопругата на англискиот крал Џорџ Трети да е директен потомок на Маргарита де Кастро Соуза, која ѝ припаѓала на црнечка кралска куќа во Португалија. Тој ја засновал својата хипотеза на некои портрети, каде што кралицата е претставена со суптилни африкански црти на лицето.
Други експерти, пак, посочуваат дека роднинската врска меѓу нив две е премногу далечна за да има какво било влијание, бидејќи тие биле 15 генерации разлика.
Затоа, етничкото потекло на кралицата Шарлот не може дефинитивно да се утврди бидејќи не постојат историски докази што би докажале нешто во корист на едната или другата теза.


