Ако вирусот на птичји грип мутира, може да предизвика пандемија полоша од ковид-19, предупредува Институтот „Пастер“
Вирусот на птичји грип, кој брзо се шири меѓу дивите птици, живината и неколку видови цицачи, би можел да предизвика пандемија потешка од Ковид-19 ако мутира за да се пренесува меѓу луѓето, предупреди раководителката на Центарот за респираторни инфекции на францускиот Институт „Пастер“, Мари-Ан Рамекс-Велти, објави Ројтерс.
Препорачано
Таа вели дека високо патогениот сој на птичји грип што циркулира глобално претставува значителна потенцијална закана, и покрај тоа што човечките инфекции моментално остануваат ретки.
„Она од што се плашиме е дека вирусот ќе се адаптира на цицачите, а особено на луѓето, станувајќи способен за пренос од човек на човек и дека тој вирус би бил пандемиски вирус“, изјави таа за Ројтерс во Париз.
Рамеме-Велти истакна дека луѓето немаат антитела против соевите H5 што сега ги инфицираат животните, слично на недостатокот на имунитет што се виде на почетокот на Ковид-19. Таа додаде дека за разлика од Ковид-19, кој во голема мера ги погоди ранливите групи, вирусите на грип можат да убијат дури и здрави лица, вклучително и деца.
„Пандемијата на птичји грип веројатно би била доста тешка, потенцијално дури и потешка од пандемијата што ја доживеавме“, рече таа.
Иако досега човечките инфекции доаѓаат претежно од близок контакт со заразени животни, САД неодамна го пријавија својот прв случај на H5N5 кај луѓе, во кој се работи за пациент со други здравствени проблеми, кој подоцна починал.
Според Светската здравствена организација, речиси 1.000 инфекции со птичји грип кај луѓето се забележани помеѓу 2003 и 2025 година, главно во Египет, Индонезија и Виетнам, со исклучително висока стапка на смртност од 48%.
И покрај предупредувањата, глобалните здравствени експерти велат дека веројатноста за пандемија предизвикана од птичји грип кај луѓето засега останува ниска.
Грегорио Торес, раководител на науката во Светската организација за здравје на животните, нагласи дека луѓето не треба да паничат.
„Ризикот од пандемија е можен. Но, во однос на веројатноста, тој е сè уште многу низок“, рече тој. „Можете среќно да шетате во шумата, да јадете пилешко и јајца и да уживате во вашиот живот.“
Зошто најновиот случај на птичји грип ги загрижува експертите за можна пандемија?


