Виолета Томовска, Ленче и Горан Кукиќ, Ристо Самарџиев ќе пеат во чест на Јонче Христовски

Во чест на легендарниот македонски пејач Јонче Христовски, Камерниот оркестар на Битола ќе одржи два концерти – првиот на 4 април во Центарот за култура во Битола, а вториот на 5 април во Национална опера и балет во Скопје, со почеток од 20 часот.
На двата концерти, познати имиња од македонската музичка сцена ќе ги отпеат најпознатите и најубави песни од Христовски. Неговите најубави музички бисери ќе бидат испеани од Виолета Томовска, Ленче Кукиќ, Горан Кукиќ, Ристо Самарџиев, Душко Георгиевски, Петар Младеновски (Суперхикс), Елена Андоновска, Агни Авшар, придружени од Камерниот оркестар на Битола.
Легендарниот македонски пејач, текстописец и композитор на песни во народен дух, славата на македонскиот мелос ја пронесуваше низ целиот свет.
Најпозната негова песна е „Македонско девојче“, чии препеани верзии се појавија на англиски, германски, дански, италијански, руски, српски, француски и шпански јазик. Од големиот музички опус на Христовски се издвојуваат и „Ај засвирете ми чалгии“, „Ако умрам ил загинам“, „И ние сме деца на Македонија“…
Јонче Христовски почина во 2000 година, на 69-годишна возраст.