Винисиус за скандалот во Лисабон: Толку е слаб што мораше дресот да го стави преку уста
Бразилскиот фудбалер Винисиус Жуниор, кој беше во центарот на голем скандал за време на дуелот од Лигата на шампионите меѓу Бенфика и Реал Мадрид, се огласи по натпреварот на кој му донесе победа на својот тим.
Препорачано
Винисиус го постигна единствениот гол во гостинската победа на Реал во плејоф рундата од Лигата на шампионите, а по погодокот следуваше и прекин на мечот поради расистички инцидент.
Иако првично се сметаше дека навредите доаѓаат од трибините, по натпреварот фудбалерите на Реал открија дека навредите всушност ги упатил играчот на Бенфика, Џанлука Престијани, на расна основа.
Бразилецот се огласи на социјалните мрежи со жестока порака, во која ги прозва и оние што навредуваат, но и оние кои треба да ги казнат.
„Расистите се, пред сè, кукавици. Ставаат маици преку устата за да покажат колку се слаби. Но, тие имаат заштита од други кои, теоретски, се обврзани да ги казнат“, напиша Винисиус, директно алудирајќи и на судиите и на УЕФА.
„Ништо од тоа што се случи вечерва не смее да биде толерирано во мојот живот, ниту во животот на моето семејство. Не сакам да се ставам себеси во прв план во вакви ситуации, особено по голема победа кога насловите треба да бидат за Реал Мадрид, но ова е неопходно“, додаде тој.
По постигнатиот гол, Винисиус му се пожалил на главниот судија Франсоа Летексије, кој му покажа жолт картон поради прославата, тврдејќи дека бил навреден од аргентинскиот фудбалер со зборот „моно“, што на шпански значи мајмун.
„Одвратно е. Она што се случи вечерва е срам за фудбалот. Ја уништи целата вечер за тимот“, изјави фудбалерот на Реал, Трент Александер-Арнолд, додека Килијан Мбапе побара суспензија за Престијани.


