Викенд на гордоста Скопје 2021: Човечноста, како состојба, може да се подобри

Со ретроспективната изложба „Заслепен од љубов“ на Франко Б, еден од најзначајните современи перформанс и визуелни уметници во светот, на 2 јуни беше отворено деветтото издание на фестивалот „Викенд на гордоста Скопје 2021“, кое се одржува од 2 до 9 јуни во Музејот на современата уметност, КСП „Центар-Јадро“ и во кафе-барот „Шортбас“.

Основната кураторска тема на фестивалот е со наслов „Настрано заедничко: Политики на пријателство, љубов и афекти“, а отворањето на фестивалот беше проследено со ретроспективната изложба „Заслепен од љубов“ на Франко Б. Својата уметничка работа Франко Б не ја одделува од животот, а неговите дела балансираат меѓу изолацијата и заведувањето, наклоноста и конфронтацијата, страдањето и еротицизмот, панкот и поезијата.

Тој настојува неподносливото да го направи подносливо, го провоцира гледачот да размисли за сопственото поимање на убавината и страдањето. Сопственото тело го користи како метафора за општествената борба, при што отелотворува претстави за личното, политичкото и поетското. Вкрстувајќи ги љубовта и болката, Франко Б покажува дека човечноста, како состојба, може да се подобри.

Публиката на 4 јуни можеше да го проследи и најновиот перформанс на Нао Бустаманте (САД), легендарна латино уметница, чиишто дела опфаќаат перформанси, видеоинсталација, кинематографија, скулптура и пишување, а во Скопје настапи заедно со Маркус Куиланд Назарио (САД).

Организаторите на фестивалот најавија богата програма и за деновите на викендот со танц триото „Steam room“, англискиот колектив СПИЗ! (Содомити, перверти и инверти заедно!), и џез триото „Светлост“. На 5 јуни „Steam room“ го претставуваат „dragON aka Phoenix“, второто дело од проектот „dragON“, кореографска трилогија во коавторство на Александар Георгиев, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас (aka Steam room). Во проектот се обработуваат протестите и празнуваното тело на дрег-сцената, истражувајќи ја нивната поврзаност со танцот и кореографијата.

На 6 јуни ќе се одржи перформанс на СПИЗ! (Карлос Мота, Џон Артур Пиц, Карлос Марија Ромеро). СПИЗ! напишаа неколку манифести како реакција на неодложните современи прашања поврзани со сексуалното и родово угнетување, толкувани, преработувани и изведувани од жестока група уметници на разни фестивали за перформанси, уметнички изложби и активистички програми од 2017 година, а во Скопје ги изведуваат во соработка со: Клаудија Палацо, Џошуа Хабард, Елајџа Харис и Токио де Вил. По перформансот на СПИЗ! ќе следува концерт на македонското џез трио „Светлост“.

Како музички колектив „Светлост“ е основан во 2014 година од Нинослав Спировски, Дени Омерагиќ и Кристијан Новковски. Станува збор за флексибилен ансамбл, кој основното трио го користи како платформа за соработка со повеќе музичари од различни профили. Музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект – најчесто е информирана од стилски правци, како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика.

Фестивалот е во организација на Коалицијата „Маргини“ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство со МСУ и „Центар-Јадро“, со поддршка на Фондацијата „Хајнрих Бел“, Амбасадата на САД, Амбасадата на Кралството Холандија, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската Унија во рамките на меѓународниот проект „Времето е сега“, Министерството за култура на РСМ и Град Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 83, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот