ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Гламур, хумор и балкански дел во новото кабаре „Еуфорија“
Над 30 изведувачи ќе бидат дел од новото кабаре „Еуфорија“, чија премиера е закажана за 18 октомври. Замислено е да се случува спектакуларно шоу со танчари, актери, акробати, жонглери, пејачи, кои ќе имаат задача да ја забавуваат публиката.
Препорачано
Кабарето има три дела, премиерно за „Слободен печат“ открива актерката Димитрина Мицкоска.
– Првиот е класичен дел гламур, потоа има театарски кабаре-точки, има и рокенрол, а еве ексклузивно ќе откриеме дека има и балкански дел, што мислиме дека ќе ѝ се допадне на публиката – рече Мицкоска.

Мицкоска вели дека отсекогаш сакала да биде дел од кабаре и сега универзумот ѝ ги исполнил соништата.
И за актерот Бојан Лазаров учеството на кабаре било голема желба.
– За мене кабарето е нешто свето, многу го сакам како уметничка форма бидејќи спојува повеќе уметности. Јас бидејќи сум танчар, пејач и актер, отсекогаш сум сакал да играм во кабаре – вели тој за „Слободен печат“.

На „Еуфорија“ ќе се пее во живо, нагласува Лазаров, додавајќи дека музиката ќе биде многу гласна.
– Ќе изведеме над 30 кореографии. Ќе пеат и глумци, пејачките играат, глумците исто така играат, има многу убави светла, навистина ќе биде многу динамично и сцената ќе биде секогаш полна.
Бојан Трифуновски е режисер, а Саша Ефтимова е кореограф на кабарето „Еуфорија“.


