ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Волак: Пракса од најрана возраст во образованието во Шпанија

Викторија Волак / Фото: Слободен Печат/ Драган Митрески

Со цел подобро запознавање со образовниот систем во Шпанија и идеја за имплементација на искуството во македонското образование двајца наставници и двајца воспитувачи од единственото средно стручно училиште за ученици со оштетен слух , ДУЦОР „Партенија Зографски“ – Скопје, учествуваа во Еразмус+ проект „Работа во сенка“ или „Job Shadowing ” реализиран во Севиља, Шпанија.

Воодушевени од тамошната одлична органзираност на основните и средните училишта воспитувачката од училиштето Викторија Волак за „Слободен печат“ вели дека, различно од кај нас е тоа што во Шпанија задолжителното образование завршува многу порано.

– По 12 години децата во Шпанија не се обврзани на задолжително образование. Тогаш треба да се одлучат на што ќе се насочат. Се воодушевивме од образовниот систем на стручното образование кој е комплетно адаптиран на работните способности на учениците, дури и немаат општообразовни предмети. Имаат државни училишта, комбинирани државни и приватни и само приватни училишта. Кај нив католичката црква е поврзана со државните училишта, има огромно влијание односно многу помага во образованието – вели воспитувачката Волак.

Викторија Волак и Алиекбер Шакири / Фото: Слободен Печат/ Драган Митрески

Посетиле едно такво училиште зад кое стои црквата, а нема никаква поврзаност со религијата, објаснува таа, дури и учениците биле од различни религии и забележале дека има и многу деца бегалци, односно државата им помага и тие да стекнат образование.

– Тоа беа огромни хали во кои видовме како децата сами работат со алатите секако под надзор, но самостојно работат како да се на пракса. Бидејќи доаѓаме од училиште за деца со оштетен слух прашавме дали има и меѓу нив такви, па ни објаснија дека се на тримесечен студиски престој во Германија во стручно училиште со цел да стекнат нови знаење и вештини. Посетите на други земји за шпанските средношколци е вообичаено. Тоа многу ни се допадна и би сакале да стане пракса и за нашите ученици – појаснува Волак.

Александра Аларампиева / Фото: Слободен Печат/ Драган Митрески

Александра Аларампиова е втората воспитувачка која беше во посета на Шпанија која вели дека се вратила дома со богато искуство од тоа што го видела таму, но и со убави спомени.

– Проектот ни беше претставен преку интересни и интерактивни презентации, посета на средното стручно католичко училиште „Салесианос“ (Salesianos) каде вклучувајќи инклузија, посебно внимание посветуваат на развој на физичките, когнитивните, емоционалните и духовни вештини, едукативен центар за развивање практични вештини во областа на графичкиот дизајн, програмирање и веб-дизајн, работејќи во различни типови на програми. Домаќинот создаде услови за комплетна и успешна реализација на планираните активности. Шпанците со својот ведар дух и гостопримство покажаа подготвеност да ни ги претстават и убавините на Севиља, срцето на Андалузија, па така, покрај планираните активности поврзани со работата, имавме можност да посетиме и прекрасни локации, да вкусиме прекрасна традиционална храна, да се запознаеме со нивните извонредни градби со специфична архитектура, историски и културни знаменитости – рече Аларампиова.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Волак: Пракса од најрана возраст во образованието во Шпанија

Најсилен впечаток, како што рече таа, им оставила Плаза де Еспања, неверојатна архитектонска знаменитост која го одзема здивот, а позната е како живописна сценска заднина во филмот „Војна со ѕвездите“ – дел од градот Тед на Набу.

Целиот разговор погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот