ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Стојановски и Поповиќ: „Слем Џем“ е 3х3 турнир кој му недостасуваше на Скопје
Матеј Стојановски и Никола Поповиќ се млади момци од Аеродром, кои поттикнати од идејата за зголемување на спортските настани во главниот град, на 6-ти и 7-ми јуни по трет пат ќе го организираат баскет турнирот „Слем Џем Скопје“.
Препорачано
Идејата за организирање на 3х3 турнир ја имал Никола – поранешен кошаркар кој не можел лесно да се раздвои од кошаркарската топка, па заедно со Матеј пред три години го организираат првото издание на „Слем Џем Скопје“ на игралиштето „Патрик“ зад ТЦ „Три Бисери“.
Матеј пред објективот на „Слободен печат“ вели дека имаат цел да ги поттикнат младите да се развиваат во спортот и да се „раздвижи“ целокупниот спортски живот во Скопје.

Организаторите целат годинешното издание да биде најмасовно и поразлично од досегашните, па затоа оваа година за првпат ќе може да се натпреваруваат и баскетџиите над 21 година што не било пракса во претходните две изданија. Покрај главниот 3х3 турнир, баскет играчите може да се натпреваруваат и во забивање и шутирање тројки.
За поголема популаризација на турнирот, „Слем Џем Скопје“ ќе добие и песна, дело на младиот артист Максим Рингов.


