Александар Авукатов и Марија Данева / фото: Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Стенд бај бенд“ за 16 март во Кочани: Убавата вечер за миг се претвори во пекол

Наближува 16 март, датум кој од минатата година повеќе не е само датум за Македонија, туку еден од најтажните денови, миг во кој згаснаа голем број млади животи, кобен час кој зави многу домови во црно.

И додека е во тек судењето на обвинетите за смртта на децата во дискотеката во Кочани, сите ние последнава година секојдневно слушајќи и читајќи ги информациите поврзани со овој трагичен настан, одново и одново се вознемируваме, се натажуваме, се расплакуваме, одново кај нас се будат гневот и лутината, прашувајќи се каде живееме? Но најтешко им е на семејствата кои загубија некого во пожарот и на преживеаните кои никогаш нема да ги заборават тие слики што се случувале пред нив.

Наши гости беа дел од членовите на музичката група „Стенд бај бенд“ кои истата вечер, малку порано од ДНК, настапувале во друг локал во Кочани – во кафе-барот „Класик“, сопственост на Дејан Јованов-Деко, газдата на дискотеката „Пулс“. Во пожарот двајца членови од бендот завршија со повреди.

Во пресрет на годишнината од смртоносниот пожар во Кочани, разговараме со Марија Данева и Александар Авукатов, со кои ќе се присетиме на кобната ноќ.

– Откако завршивме со нашиот настап одлучивме да одиме во „Пулс“ на концертот на ДНК. Сакавме да ги поддржиме колегите и малку да се подружиме со нив. Тоа беше многу убава ноќ, гледавме насекаде насмеани, весели лица, многу убаво си поминувавме. За миг стана најтажната вечер. Кога Панчо соопшти на микрофонот полека да излегуваме, не ни беше јасно дека ќе се случи трагедија. Јас не бев на истата маса со колегите од бендот, успеав брзо да излезам надвор и непрекинато им вртев на телефон. Никој не ми крена, а во меѓувреме од надвор гледав како се создава паника и гужва во дискотеката. И сè се случи премногу брзо. Луѓето едвај излегуваа, јас одев од човек на човек, меѓу тие што лежеа и ги барав колегите. Тогаш почна да ме обзема страв – раскажува Данева.

Марија Данева/ фото: Методи Здравев/Слободен печат

И за Александар ноќта започнала убаво, не верувал дека ќе се претвори во пекол. Тој е еден од повредените кој близу два месеци беше на лекување во Бугарија.

– Ние музичарите немаме многу прилики да се дружиме, вака кога ќе се погоди шанса да се начекаме ја користиме. Така на покана на нашиот колега од бендот Сашо, кој беше долгогодишен тапанар претходно со ДНК, отидовме да се видиме. Не очекувавме дека со некои од нив ќе се видиме за последен пат. Јас бев блиску до бината. Кога почна да гори не замислував дека ќе се случи катастрофа од такви размери. Помислив ќе излеземе, ќе се изгасне и сè ќе заврши добро. Почнаа да го гаснат огнот, но паниката се сoздаде при излегувањето кога стасавме до ходникот. Јас одев полeка, ги смирував околу мене, тоа беа претежно млади луѓе. Се трудев да гледам напред барајќи го излезот, не дозволував да ми откажат нозете, затоа што ако паднеш толку беше… Ме водеше инстинктот за да се спасам. Успев да излезам и одма ги побарав колегите. Кога ми се приближи Марија и направи чуден израз без да ме прегрне, е тогаш сфатив дека телото ми е изгорено. Не се сеќавам како ми се случиле повредите – се присетува тој.

Погледнете го целото видео со сведоштвата на Марија и Александар на јутјуб каналот на „Слободен печат“.

Александар Авукатов и Марија Данева / фото: Методи Здравев/Слободен печат

Повод за нашата средба покрај одбележување на една година од трагичиниот пожар во Кочани беа и убави нешта. Зборуваме и за нивната втора авторска песна „Во твои раце”  во соработка со еден од најдобрите вокали кај нас – Ѓоко Танески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот