ВИДЕОИНТЕРВЈУ | „Кај Саво важеше правилото – кој има индекс, има пијачка џабе“
„Слободен печат“ гостуваше во домот на еден од оние скопски ликови што не се забораваат – господин Саво Томиќ. Весел, духовит, со млад дух и со живот исполнет со приказни, Саво е човек кој носи едно друго Скопје во себе – Скопје на другарството, ноќниот живот и вистинската кафеанска култура.
Препорачано
Од каде да почнеме?
Кога ќе се спомне неговото име, многумина веднаш ќе се сетат на легендарните журки, на долгите ноќи и на местото што сите го викаа едноставно – „Кај Саво“. Иако официјално кафулето се викало „Клуб на уметници“.
„Јас го крстив ‘Клуб на уметници’, ама сите викаа – ајде кај Саво. И така си остана“, раскажува со насмевка.

Интересно е што неговиот пат не започнува во угостителството. Саво бил шминкер и задолжен за периките во Драмскиот театар во Скопје, човек од зад сцената, опкружен со актери, уметници и приказни. Токму таму го научил чувството за атмосфера, за ритам, за луѓе.
Даре Џамбаз бил еден од оние што го охрабриле:
„Отсекогаш ме привлекувал ноќниот живот“, Даре Џамбаз ми рече – Саво, ти си за угостителство. Ти знаеш да направиш мерак – објаснува Томиќ за „Слободен печат“.

Неговиот локал спроти Градежниот факултет беше нешто ново за тоа време. Не само кафeана-локал, туку место со култура, музика и душа. Огромни маси, по десет луѓе, убава музика, романси, разговори до доцна во ноќта.
„Стефче свиреше на клавир староградски песни, романси… атмосферата не беше моја заслуга, туку на луѓето што доаѓаа“, вели Саво.

Во текот на денот, локалот бил полн со студенти.
„Често велев – кој има индекс, има пијачка џабе. А индекси – никогаш доволно“, се смее тој.
Затворањето на вечерта имало свој ритуал.
„Кога ќе ја пуштев Едит Пјаф, сите знаеја – време е за одење. Тоа беше знак.“

За Саво, Скопје од тогаш и денес – не се споредува. На отворањето на локалот, лентата ја сечел славниот актер Драги Костовски, само неколку дена пред да почине.
„Моравме да направиме чест. До три сабајле останавме. Тоа беа времиња.“
Денес, Саво живее мирно во Горно Нерези со убавите спомени… Домот во кој топло нè пречека е спој на македонска традиција и модерен ентериер, уреден со истата душа со која некогаш ги уредувал и локалите.

Иако идејата за нова кафеана останала нереализирана, мирот го нашол во семејството и во внуците. Тој често со солзи ја споменува и неговата рано почината сопруга Милена со која бил во брак 62 години.
„Имам внуци – Доротеја, Саво и Саша. Тие ми се сè. Што да кажам повеќе.“
На крајот, Саво не можеше да нè не испрати без да ни подари по еден сувенир од неговиот дом и со силна порака кон новите генерации.
„Другарството и среќата одат заедно. А тоа што ќе го направиш од срце – останува.“

Неколку часа разговор ни поминаа како неколку минути. Со господин Томиќ, времето секогаш тече поинаку.
А духот нема години…


