ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Кристијан Трајковски: Во играта „Скопје 83“ се справуваш со луди научници, а имаш само 7 дена до бомбата
Скопје, 1983 година, градот е мртов, се случила апокалипса. Полудени научници сакаат да го создадат човештвото одново, а вие откривате што се случило со оружје в раце додека ве бркаат зомбија. Дознавате дека наводно имате седум дена да најдете решение пред да експлодира нуклеарна бомба.
Препорачано
Вака изгледа новата компјутерска игра „Скопје 83“ на студиото „Дарк-1“ којашто веднаш по објавувањето привлече огромно внимание.
Еден од создавачите на играта, Кристијан Трајковски, во интервју за „Слободен печат“ раскажува детали за играта, како започнал проектот и кои предизвици ги носи индустријата на инди игри – некомерцијални наслови зад кои не стојат големи продукции.
Тимот првично се собрал со идеја едноставно да создава игри и учествувал на гејм-џемови настани на кои се прават мали игри за 24–48 часа. Ова искуство постепено ја оформило визијата за поголем проект.
Почетната замисла била играчот да се движи низ ограничена област со одреден број непријатели што треба да се елиминираат, но со развојот концептот значително се проширил: играта добила уникатна бруталистичка визуелна естетика, силно инспирирана од стрипови, што го дефинира конечниот амбиент на „Скопје 83“.
— Сакавме играта да биде повеќе како цртан, со јасни линии, бои и со уникатен изглед. Не ти кажуваме што да направиш. Мораш да истражуваш, да најдеш информации и сам да продолжиш. Нема бесконечно ресурси. Ако ја потрошиш муницијата, те убиваат — објаснува Кристијан.
Инаку, објаснува тој, основната приказна е дека неколку научници полуделе, не знаеме зошто, и секој од нив се обидува повторно да го создаде човештвото на свој начин.
Целото интервју со Трајковски може да го проследите на следното видео:


