Војо Иванов-едукатор и негувател во ЗОО / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Иванов: За некои животни моите родители не знаеја дека живеат кај нас дома

На само 13 години, започнал како волонтер во скопската Зоолошка градина. Оттогаш, неговиот живот е поврзан со животните и нивната заштита.

Војо Иванов од Скопје покрај тоа што е едукатор, е и едeн од најпрепознатливите ликови во Зоолошката градина, познат по својата искрена љубов кон животните.

Во време кога луѓето се сè повеќе оддалечени од природата, тој беше еден од ретките што постојано работеше и сè уште се бори за подигнување на свеста за овие теми и проблеми.

Неговата пасија за грижа кон животните започна во тинејџерските денови.

-Започнав со влекачи, можеби со тоа привлеков најмногу внимание. Уште како дете си играв со нив и така пораснав. Така и се креираше спонтано таа моја професија да бидам зоо-негувател. Сега тоа се потврди и официјално со моето решение за вработување. Целта е да се потрудам колку што се можностите, да ги подобрам условите за живот на овие животни тука во Зоолошката градина – вели Иванов.

Војо негувател во ЗОО / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Уште како дете во неговата населба Тафталиџе, Војо собирал и чувал животни. Тој ни објасни дека дома му било како мала зоолошка. Желки, папагали, срни, па дури и змии. Многу од нив биле вдомени, спасени, или привремено згрижени.

-За дел од животните, моите родители не ни знаеа дека доаѓаат дома, беа некаде по дома, скриени, си живееја, ама некои од нив беа навистина големи и не беа дефинитивно за во стан – вели тој.

Еден од најинтересните примери од неговата работа е крокодилот Кристина, кој го чувал речиси десет години. Кратко време во 2017 година престојувал во Африка, каде што се грижел за млади носорози.

-Во животот чував и одгледував слонови, пингвини, камили и слично – вели Иванов.

Тој е гласен поддржувач на едукацијата како алатка за промена. Вели дека многу нешта за животните и природата не се учат во училиште, па затоа со ентузијазам го пренесува тоа знаење преку програмата „Zookeeper’s Talk“, интерактивна тура за посетители која ја води во Зоолошката градинa.

Војо негувател во ЗОО / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Таа е наменета за сите генерации, но особено е прифатена од децата, кои со големо внимание го следат неговото раскажување за пингвини, мајмуни, морски лавови, птици и други видови.

– Знам да им речам, ева ја змијата, каде е нашето срце? А каде е срцето на змијата? Како дише таа и како спие? Очите на змијата се нон-стоп отворени, па дури и кога спие. И сега, кога ќе тргнете да им објасните на децата дека тоа е едно животно, од коешто луѓето најмногу се плашат, се плашат од незнаење – вели Иванов.

Ја следи состојбата и на терен и во институциите, и не се воздржува да зборува отворено и гласно, дури и пред камерите на „Слободен печат“.

-За жал, Македонија не покажа грижа не само кон луѓето, туку и кон природата воопшто. Еве, видовте,  во последните неколку недели имаме сериозен проблем со пожарите, сите зборуваат за аерозагадувањето што е навистина така, но никој не ја доживува големината на еколошката катастрофа што ја направивме – вели тој.

Змија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Објаснува дека за вистински промени е потребна поддршка од институциите, кои за жал се политизирани.

-Зоолошката не се промени. Се промени само политиката, која лошо ни влијаеше. Институцијата ја води политика, ја води Градското собрание, односно Градот Скопје – вели тој.

Во 2026 година, Зоолошката градина ќе одбележи 100 години постоење. Војо ја сподели и својата мисла за тоа што навистина значи оваа годишнина.

-Зоолошката градина следната година слави 100 години постоење, иако не сум сигурен дали можеме да прославиме. Во 1926 година овде доаѓа Станко Караман, кој е роден во Босна, па се школувал во Хрватска, и завршил овде со идеја да истражува маларија и комарци, се заљубил во местово и рекол, еј, тука ќе направам наука, биологија, ПМФ, Природонаучен музеј во Скопје и Зоолошка градина. И нему му го должиме сето ова – вели Иванов.

Но и покрај сите предизвици, Иванов останува посветен и верува во подобро утре за Скопје и за Зоолошката градина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот