Фатон Фазлиу / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Фазлиу: До март Порта Македонија ќе стане ново „Матично“, скопјани добиваат свечена сала за венчавање

Ќе добие ли конечно Скопје свечена сала за венчавање и склучување на граѓански брак? Дали се планира каде ќе биде нејзината местоположба? Ќе престане ли изнајмувањето на матичари, како досега, кога младенците се венчаваа по скопските ресторани? Утрово во емисијата „Слободен печат“ одговори побаравме од директорот на Управата за водење матични книги, Фатон Фазлиу. Тој вели дека еден од проблемите со кои се соочил кога ја презел функцијата директор на Управата и која му била приоритет за да ја реши е да најде решение за свечена сала каде ќе можат младите достојно да склучат граѓански брак.

– Во комуникација сме со Министерство за култура со кое треба да склучиме договор новата свечена сала за венчавање да биде во Порта Македонија. Во постапка сме да го изнајмиме тој простор и истиот да биде во служба на граѓаните. Се надевам дека тоа ќе биде до март месец и салата ќе биде готова-вели Фазлиу.

Тој објаснува дека до сега венчавките се одвивале во нивните канцеларии во склоп на општините. Во Скопје венчавките се во старото „Матично“ во мала канцеларија која не е соодветна и свечена.

– Изнајмувањето на матичар секако ќе остане опција и за понатаму, тоа зависи од младенците. Цените засега остануваат исти. Во процес сме на подготвување на нов Закон за матична евиденција, кој треба да биде донесен до крај на оваа година поточно до септември, а за тоа дали ќе има нови цени на нашите услуги ќе се дискутира после донесување на законот-вели Фазлиу.

Тој вели дека сега Управата за водење на матични книги е дел од Министерство за дигитална трансформација и има простор за многу нешта да се сменат и да се подобрат.

– Граѓаните треба да добијат подобар сервис од нашата институција. И верувам дека од тој аспект ќе успееме да сме во служба на граѓаните. Во фаза сме на дигитализација на Управата и тука треба ние да се усогласиме со постоечките закони- вели Фазлиу.

За грешките кои се појавуваат при вадење на изводи за родени, венчани или умреница, Фазлиу вели дека статистички не се нешто поразлични од порано.

Фатон Фазлиу / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

 

– Ние годишно издаваме околу 6 милиони документи од нашата Управа. Грешките на издадени документи се минимални. Некои грешки се поради човечки фактор, но има и технички грешки. Најголем дел од грешките се случуваат при печатење на документот, има повеќе боја или излегува од рамките-вели директорот.

За вадењето извод вели дека е за 5 до 10 минути. Зависи од турканиците, кога има уписи на факултет или во средно турканиците се големи.

– Засега има мал проблем само кога се вади извод за новороденче. Граѓаните мислат дека целиот процес се одвива во нашата Управа, но ние тоа го процесираме до МВР од каде новороденчето треба да добие матичен број. Процесот трае од 5 до 7 дена и после граѓаните го добиваат изводот-вели Фазлиу.

Тој вели дека извод може да се извади и електронски за 150 до 160 денари, освен за слободна брачна состојба кој чини 1050 денари.

– Со цените за вадење на електронски документи јас како директор не се согласувам, но ќе почекаме да се донесе новиот Закон за водење на матични книги. Пример, мислам дека за некои услуги цените треба да се повисоки, да се покачат, но некои треба да се намалат-вели Фазлиу.

За сите коишто живеат во Скопје, меѓутоа не се родени во Скопје, вели дека можат електронски да извадат извод од друг град и да им стигне на домашна адреса.

– Имаше еден процес што траеше неколку години, а тоа беше процес на дигитализација на книгите. И овој процес заврши со крајот на минатата година, книгите во нашиот архив, се веќе дигитализирани. Под тоа се подразбира дека секој граѓанин, без разлика каде живее може да извади документи од Управата, каде било. Може да е роден во Охрид, но може да извади документи тука во Скопје-вели директорот.

За правилото „извод не постар од шест месеци“ вели дека човекот еднаш се раѓа и еднаш вади оригинален извод. Сите други се копии.

– Матичниот број еднаш се добива и засекогаш останува. Нашите закони и правилници се такви и многу често се бара извод не постар од шест месеци. Мислам дека тоа веќе може да се реши во иднина, бидејќи сме во процес на трансформација, на дигитализација на сите услуги и кога сè ќе се доставува електронски, веќе нема да имаме таков проблем-вели Фазлиу.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот