ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Даниела Алексовска: И жените се успешни во „машки“ спортови
Даниела Алексовска – македонски првак во бразилско џиу-џицу почнала да се занимава со боречки вештини уште на рана возраст. За „Слободен печат“ вели дека пред да почне да тренира боречки вештини, мајка ѝ ја запишала на балет.
Препорачано
-Ме запиша на балет, како женски спорт, т.е. танц, но некако не се пронаоѓав – вели Алексовска за „Слободен печат“.
Сепак, кога започнала со основното образование, решила да почне со боречки вештини, гледајќи го татко ѝ како ги тренира момчињата во нивната сала.
Алексовска тренира бразилско џиу -џицу со кимоно, бразилско џиу -џицу без кимоно или „граплинг“, ММА, џудо, таибокс, кикбокс.
-Прва боречка вештина што ја започнав ми беше бразилското џиу-џицу. Вежбав заедно со татко ми и сега резултатот од знаењето што го имам во бразилското џиу-џицу го применувам и во ММА борбите – додава таа.

Но, не ѝ било лесно. Се сеќава на прерасудите, како и на коментарите од постарите генерации.
-Често доаѓам во дискусија кога некој ќе ми рече, ‘Абре, остај, батали ги тие боречките вештини, оди нешто друго, оди играј одбојка, играј нешто друго, понежно – вели Алексовска.
Таткото на Даниела, Ивица Алексовски, кој е нејзин персонален тренер и селектор на македонската репрезентација во бразилско џиу-џицу, вели:
-Таа се натпреварува во еден спорт којшто е сосем различен од сите други спортови што ги тренираат девојчињата – објаснува Алексовски.

За Даниела, најважно е да има самодоверба, бидејќи таа е клучна за успех во секој спорт.
-Оваа сезона имам турнири во ММА, а имаме и турнири за Европско првенство, кое ќе се одржува од 14 до 23 февруари и на крајот на годината имам исто такво светско првенство во ММА – вели Даниела, истакнувајќи ги нејзините амбиции за идните натпревари.



