ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Дали дебело дете значи дебел возрасен, бидејќи храната развива зависност?

Наташа Чучкова-Никчевска, педијатар и Надица Божиновска-Димова/ Фото: Драган Митрески

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, дебелината кај возрасните лица во Македонија е зголемена за 13,6%, а кај децата и адолесцентите за 7,4%. Околу дебелината кај децата и возрасните и причините за обезност, во утринската емисија „Слободен печат“ разговаравме со доктор Наташа Чучкова-Никчевска, педијатар и Надица Божиновска-Димова специјалист по ендокринологија од приватната болница „Аџибадем-Систина“.

Докторките велат дека дебелината е епидемија на XXI век, како и во светот, така и во Македонија.

– Во Македонија официјални бројки колку проценти деца се дебели нема, но од искуство можам да кажам дека навистина трендот на сè погојазни продолжува и расте од година во година. Причините се мултифакторијални. Првенствено се истакнува начинот на исхрана, стилот на живеење, културата на живеење. Ние како педијатри целиме да продуцираме здрава популација, да ги научиме децата и семејствата како правилно да се хранат во сите фази на развој на детето од новороденче, доенче, претшколско и школско дете – вели Никчевска.

Таа објаснува дека „постојат родители и пациенти коишто навистина знаат како да се хранат и да водат здрав начин живот, но повеќето од нив, за жал, мислам дека не ги знаат основите поставки на исхрана“.

– Храната се базира на зеленчук, овошје, јајца и месо, житарки и во мали количини млеко и млечни производи. Поради модерниот начин на живеење сè почесто се хранат со брза храна, со продукти коишто се спакувани, претходно подготвени со многу калории и штетни супстанции кои влијаат на развивањето на дебелина – вели Никчевска.

Д-р Наташа Чучкова-Никчевска/Фото: Драган Митрески

На прашањето дали дебелите деца стануваат понатаму дебели возрасни, доктор Димова вели дека тоа се случува во повеќе од 50% од случаите.

– Затоа е многу важна соработката педијатар – специјалист по ендокринологија, затоа што кај дебелите деца се создаваат навики коишто потоа продолжуваат во текот на целиот живот, и за жал, овие дебели деца преминуваат во дебели возрасни. Потоа фронтот се префрла на полето на ендокринологија за возрасни, меѓутоа тој е фронт на којшто е многу тешко да се извојува победа, затоа што пораното воведување на здрави навики, одржување на здрава тежина, воведување на редовна физичка активност, се веројатно главните алатки против борбата со нова епидемија, а тоа е дебелината – вели Димова.

Доктор Никчевска вели дека според Светската здравствена организација засега подебели се момчињата, но во следните 10 години ќе се зголеми бројот на дебели девојчињата.

– Дури 75% од популацијата на девојчиња ќе биде во ризик за развивање на обезитет. 61% од момчињата се во категорија на обезни дечиња. Најчесто родителите или старателите ги носат децата. Правиме прегледи, даваме совети, се прават листи на храна од нутриционисти. Да се одвикне човек или дете од одреден тип на исхрана, потешко е отколку да се одвикне од дрога – вели Никчевска.

Доктор Димова вели дека во нивната болница е отворен првиот центар за дебелина кај деца.

Д-р Надица Божиновска-Димова/Фото: Драган Митрески

– Центарот темелно ги третира пациентите. Има педијатар, ендокринолог, но и психолог, затоа што сè поголем број на студии сугерира дека дебелината во принцип е 90% психолошки проблем. Не затоа што се работи за некоја дијагноза, туку затоа што често јадеме поради некоја емоција без разлика дали е тоа тага, дали е разочарување, дали е едноставно досада. Поради тоа психологот е клучен дел од целиот наш тим – вели Димова.

Докторките велат дека мора да се сменат навиките. Според нив, ако не се сменат темелно навиките на исхрана, ако не се воведе физичка активност и домашните не го следат тој пример, нема успех.

Со докторките зборувавме за лековите за слабеење, за тоа дека дебелината претставува и социјален проблем кој потоа поминува во здравствен, бидејќи е причина за многу болести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот