ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Сајковски: Пестицидите се отров на 21 век, а децата се најранливи

Во последните години значително се зголемува бројот на деца со алергии, астма, автоимуни и други заболувања поврзани со нарушен имунолошки систем. Педијатарот д-р Александар Сајковски од приватната болница Аџибадем Систина во емисијата „Медицинско катче“ вели дека причините се повеќеслојни, од загаден воздух и прекумерната употреба на антибиотици, до пестицидите во храната и недостигот на витамин Д.

-Објективно, и алергиите и инфекциите се поврзани, бидејќи и двете прават атак врз имунолошкиот систем. Во последните децении кај нас се зголемува бројот на деца со атописки дерматити, уртикарии, алергиски ринити, конјунктивити, па дури и бронхијална астма – вели д-р Сајковски.

Тој објаснува дека децата во предучилишна возраст имаат право да се разболат и да поминат и до 8–10 вирусни инфекции годишно, бидејќи имунолошкиот систем созрева постепено.

-Најголем дел од тие инфекции се вирусни и не бараат антибиотик. За жал, кај нас антибиотиците се користат премногу – посочува педијатарот.

Според него, аерозагадувањето е еден од најсериозните фактори што влијаат врз здравјето на децата.

-Во ПМ-честичките се лепат различни токсични материи кои предизвикуваат воспалителни реакции во белите дробови. Најранливи се децата, бидејќи се ниски и директно ги вдишуваат издувните гасови – вели Сајковски.

Дополнителен проблем, според него, е неконтролираното користење пестициди и хемикалии во земјоделството.

-Пестицидите се отров на 21 век. Ние немаме доволна контрола врз тоа колку се користат и колку се токсични. Гледаме драматичен пораст на болести кои не треба да бидат толку застапени кај децата, тешки алергии, автоимуни и малигни заболувања – предупредува докторот.

Тој советува родителите да обрнат внимание на квалитетот на храната и, кога е можно, да избираат органски производи.

-Ако детето се храни квалитетно, нема потреба од дополнителни мултивитамини. Природното внесување витамини е секогаш подобро од синтетичкото – вели Сајковски.

Особено ја нагласува важноста на витаминот Д.

-Витаминот Д не е важен само за коските, туку и за имунитетот. Децата со ниско ниво на витамин Д имаат поголема склоност кон алергии, автоимуни и други заболувања – објаснува тој.

Според препораките, суплементација со витамин Д е задолжителна во првата година од животот, а често и во првите шест години, особено во есенските и зимските месеци.
Докторот ги советува родителите повеќе да ги изложуваат децата на сонце и физичка активност.

-Не треба да се плашат да ги шетаат децата. Сонцето е природен извор на витамин Д. Децата треба да поминуваат време надвор, на чист воздух, а овошјето да го јадат цело, наместо да пијат сокови – порачува д-р Александар Сајковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот