Др.Андреј Петров - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Др.Андреј Петров - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Петров: Сексуално преносливи болести за кои мислевме дека се историја, повторно се појавуваат

Ако порано мислевме дека гонорејата и сифилисот се искоренети сексуално преносливи болести, тие на голема врата се враќаат во светот. Според светската статистика, дневно околу еден милион луѓе заболуваат од сексуално преносливи болести. Каде е  Македонија во оваа статистика, колку видови сексуално преносливи болести постојат, како се лекуваат и како се пренесуваат, зборуваме со доктор Андреј Петров – дерматовенеролог од приватната болница „Аџибадем Систина.“ Докторот вели дека половите болести се стари колку што е старо човештвото.

– Иако мислевме дека некои болести се исчезнати, како сифилисот на пример, во последно време сè почесто се дијагностицира. Ако порано за него зборувавме во минато време, сега сè почесто се појавува, и тоа не само кај помлади пациенти, туку и кај повозрасни. Битно е да се знае дека сексуално преносливи болести може да се предизвикани од бактерии, вируси и габи. Поретко се среќава гонореја бидејќи има симптоми и побрзо ја препознаваат. Доста среќаваме кандида, херпес, ХПВ генитално и кламидија, која е од суштинско значење бидејќи може да предизвика стерилитет – вели Петров.

Докторот вели дека кламидијата е многу распространета сексуално пренослива болест која нема некаква јасна симптоматологија и често пати може да биде асимптоматска, а луѓето само да бидат носители без да знаат. Петров вели дека често е нетретирана бидејќи е неоткриена и препорачува да се прави скрининг на кламидија.

– Секогаш, кој има некој сексуален дискомфорт, дискомфорт при уринирање, пецкање, некоја симптоматологија која е не многу јасна, треба да се помисли на кламидијата – вели Петров.

Др.Андреј Петров - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Д-р Андреј Петров – Фото Слободен печат – Методи Здравев

За појавата на болести за кои сме мислеле дека се искоренети, вели дека има повеќе фактори. Прво е незаштитениот сексуален однос, повторно се либерализираат и сексуалните навики кај луѓето.

– Луѓето често патуваат, слабо одржуваат хигиена, многу се мешаат едни со други и затоа овие болести за кои сме сметале дека практично не постојат, се јавуваат сè почесто. Но тие се лекуваат многу успешно, многу едноставно. Со една доза на пеницилин може да се излечи зависно од фазата на болеста. Кај сифилисот има една карактеристика, се прави рана на гениталиите, може да биде на пенисот, или на вулвата, меѓутоа, тоа е асимптоматски, тоа не боли и после извесно време проаѓа. Ако не се третира, тој латентен стадиум ќе продолжи да прогресира и ќе дојде до зафаќање на одредени органи, формирање на гумозни формации, тумори во мозокот, зафаќање на големите крвни садови и може да доведе до пукање на аортата и до нагло искрвавување. Тоа се тие несакани компликации – вели Петров.

Тој вели дека сифилисот има најсериозни компликации ако не се лекува. Компликации може да се направат и од другите инфекции и да доведат понекогаш и до сепса.

На пациентите им препорачува доколку се појави ваков тип на проблем, треба веднаш да се консултира, а не самоиницијативно да се лекува.

Др.Андреј Петров - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Д-р Андреј Петров – Фото Слободен печат – Методи Здравев

– Само од себе нема да помине, или дури ако помине само од себе ќе биде привидно, тоа не значи дека болеста е излекувана. Болеста може да продолжи латентно, и затоа ризиците од компликација се големи. Понекогаш е доволен само клинички преглед за некои работи за да се постави дијагноза. Ако се генитални брадавици, тие се гледаат со голо око. Ако работи за некоја инфекција која е асимптоматска, мора да земете серологија, мора да земе урина и крв, па да се детектираат предизвикувачите внатре. Заради тоа, импровизација не се прави – вели Петров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот